Дијабетесот Тип 2 е почеста форма на дијабетес (околу 90% од случаите на дијагностицирани со дијабетес) каде што телото станува отпорно на ефектите на инсулинот, додека панкреасот постепено ја губи својата способност да произведува инсулин. Инсулинот е хормон без кој клетките не можат да го внесат и искористат шеќерот(гликоза). Како резултат на тоа, на клетките им недостасува енергија за извршување на нивните функции, што може да има сериозни здравствени последици. Во исто време, во крвотокот останува поголема количина на гликоза, која исто така ги оштетува крвните садови, нервите и важните органи.
Која е врската помеѓу отпорноста на инсулин и дијабетес тип 2?
Отпорноста на инсулин обично му претходи на дијабетесот тип 2. Како што сугерира името, клетките на телото стануваат отпорни на ефектите на инсулинот. Инсулинот го олеснува влегувањето на гликозата во клетката, а со инсулинската резистенција, гликозата останува во крвотокот и не може да влезе во клетките. Гликозата е важна бидејќи е главен извор на енергија за нашите клетки. Панкреасот е вклучен во овој процес и се обидува да помогне со производство на се повеќе и повеќе инсулин. На овој начин, донекаде ја компензира инсулинската резистенција, која не мора да предизвикува симптоми на почетокот. Меѓутоа, со текот на времето поради прекумерното лачење на инсулин, капацитетот на панкреасот ќе се истроши и тој почнува да произведува се помалку инсулин, што резултира со симптоми и дијагноза на дијабетес.
Што предизвикува дијабетес Тип 2?
Нема точен одговор на ова прашање. Се верува дека дијабетес Тип 2 се јавува како резултат на наследени гени и фактори на животната средина. Во исто време, добро ни се познати факторите на начинот на живот кои го зголемуваат ризикот од оваа форма на дијабетес: прекумерна тежина и физичка неактивност. Кај жените, постојат два дополнителни фактори – дијабетес во бременоста (гестациски дијабетес) и полицистични јајници, кои го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2.
Дали дијабетес Тип 2 се дијагностицира само кај возрасни?
Вистина е дека дијабетес Тип 2 најчесто се дијагностицира кај луѓе постари од 45 години. Сепак, оваа болест се повеќе е присутна кај помладите луѓе – децата, тинејџерите и младите. Причината за тоа може да биде дебелината, која стана епидемија во современото општество, и намалената физичка активност на младите луѓе.
Кои се симптомите на дијабетес Тип 2?
Пациентите со дијабетес Тип 2 најчесто забележуваат замор, дека се екстремно жедни и/или гладни, дека често уринираат, дека слабеат и покрај тоа што јадат. Може да се жалат и на послаб вид, како и на побавно зараснување на раните. Слични поплаки пријавуваат и пациенти со дијабетес Тип 1. Меѓутоа, кај луѓето со дијабетес Тип 2, симптомите се развиваат постепено и често не се очигледни.
Ако се појават симптоми и знаци кои укажуваат на дијабетес, треба да се јавите кај лекар-ендокринолог. Ако ви е дијагностициран дијабетес, важно е редовно да одите на прегледи кај ендокринолог за да го одржите шеќерот во крвта во посакуваниот опсег и да ги следите ефектите од третманот.
Зошто на некои луѓе со дијабетес Тип 2 им треба инсулин?
Пред воведувањето на лекови ќе се направи обид за нормализирање на нивото на шеќер во крвта со промена на животниот стил, односно правилна исхрана и физичка активност. Ако овие мерки не се успешни, лекарот ќе препише лекови.
Постојат голем број на лекови достапни за дијабетичари кои помагаат да се регулира шеќерот во крвта на различни начини. Тоа се метформин, препарати од сулфонилуреа, тиазолидиндиони, инхибитори на DPP-4, агонисти на рецепторот GLP-1, инхибитори на SGLT 2 итн. Лекарот ќе препише лекови или комбинација на лекови кои ќе дадат најдобри резултати, со совет колку пати на ден и кога да се измери вредноста на шеќерот во крвта. Кај некои пациенти со дијабетес Тип 2, особено со слабо контролиран повеќегодишен дијабетес, лековите не успеваат да го вратат шеќерот во посакуваниот опсег. Поради ова, ќе им треба и инсулинска терапија.
Дали е можно да се спречи дијабетес Тип 2?
Можно е. Ова бара индивидуално ангажирање, преку правилна исхрана и редовна физичка активност.
Неопходно е да се избегнува храна со поголема количина на јаглени хидрати, да се намали внесот на нездрави масти, да се зголеми внесот на овошје, зеленчук, риба, пилешко и цели зрна. За луѓето со прекумерна тежина се препорачува регулирање на телесната тежина, како и редовна физичка активност. Воедно, овие мерки помагаат како во превенцијата на дијабетесот, така и во превенцијата на состојби кои се чести придружници на дијабетесот (покачени масти во крвта, покачен крвен притисок и сл.).
Доколку болеста е веќе дијагностицирана, овие мерки можат да помогнат во лекувањето на дијабетес Тип 2 – со регулирање на нивото на шеќер во крвта и намалување на ризикот од компликации (срцев удар, атеросклероза, мозочен удар, оштетување на нервите, бубрезите и очите).