ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Што е дијабетес Тип 1

Дијабетес Тип 1 се јавува кога панкреасот не произведува инсулин или произведува многу малку инсулин. Инсулинот е хормон без кој клетките не можат да го внесат и искористат шеќерот (гликоза). Кај лицата со дијабетес, гликозата останува во крвотокот и не успева да влезе во клетките.

Последиците од ова се двојни:

  • На клетките им недостасува главниот извор на енергија – гликозата.
  • Долгорочното покачено ниво на шеќер во крвта ги оштетува важните органи и доведува до компликации од дијабетес

Дали дијабетес Тип 1 се јавува само кај помлади луѓе?

Овој тип на дијабетес порано се нарекувал јувенилен, бидејќи најчесто се дијагностицира кај децата и младите. Сепак, дијабетес Тип 1 може да се појави на која било возраст, поради што терминот јувенилен сега ретко се користи. Друг синоним за овој тип на дијабетес беше инсулин-зависен дијабетес. Од една страна, овој термин е точен, бидејќи луѓето со дијабетес Тип 1 се зависни од инсулин и не можат да живеат без инсулински инјекции. Од друга страна, тоа не е сосема точно бидејќи значителен број пациенти и со дијабетес тип 2 користат  инсулин.

Што предизвикува дијабетес Тип 1?

Точната причина за дијабетес Тип 1 е непозната. Се верува дека овој тип на дијабетес се јавува како резултат на наследни и фактори на животната средина. Нашиот имунолошки систем обично се бори против штетните бактерии и вируси. Меѓутоа, кај луѓето со дијабетес Тип 1, имунолошкиот систем погрешно ги уништува клетките на панкреасот кои произведуваат инсулин. Ова е причината зошто дијабетесот Тип 1 се вели дека е тип на автоимуна болест. Резултатот е недоволно производство на инсулин, или воопшто не се произведува инсулин. Се претпоставува дека одредени луѓе имаат вродена склоност кон овој изменет имунолошки одговор, кој се активира од некои фактори од надворешното опкружување (на пр. вирусна инфекција).

Кои се симптомите на дијабетес Тип 1?

Пациентите со дијабетес Тип 1 најчесто забележуваат замор, дека се екстремно жедни и/или гладни, дека често уринираат и дека и покрај внесот на храна слабеат. Може да се жалат и на послаб вид, како и на побавно зараснување на раните. Слични поплаки пријавуваат и пациенти со дијабетес Тип 2. Меѓутоа, кај лицата со дијабетес Тип 1 симптомите често се поизразени и се појавуваат побрзо.

Ако се појават симптоми и знаци кои укажуваат на дијабетес, треба да се јавите кај лекар-ендокринолог. Ако ви е дијагностициран дијабетес, важно е редовно да одите на прегледи кај ендокринолог за да го одржите шеќерот во крвта во посакуваниот опсег и да ги следите ефектите од третманот.

Може ли да се спречи дијабетес Тип 1?

За жал – не може. Велиме дека дијабетесот Тип 1 е хронична болест, што значи дека живеете со болеста. Целта на третманот е да се одржи нивото на шеќер во крвта во оптимален опсег и да се спречат компликациите што може да ги донесе дијабетесот.