Дијабетес тип 1
Дијабетесот тип 1 е автоимуна болест. Организмот почнува да создава антитела против сопствениот панкреас, што резултира со негово уништување и неможност да лачи инсулин. Инсулинот е хормон кој му помага на телото да ја користи гликозата за енергија и исто така им овозможува на клетките да складираат гликоза за подоцнежна употреба. Бидејќи дијабетес тип 1 има малку или нема инсулин, овој тип на дијабетес се нарекува и инсулин-зависен дијабетес и бара инсулински третман. Најчесто се јавува во детство или кај помлади лица после дејство на некои вируси кои го поттикнуваат автоимуниот процес иако може да се појави на која било возраст. Може да се јави во семејство каде некој член е со дијабетес, но се јавува и кај луѓе кои во семејството немаат членови заболени со дијабетес.
Почетокот на болеста
Дијабетесот тип 1 најчесто се појавува ненадејно, често поради присуство на инфекција, придружен со покачена температура, зголемена жед, често мокрење, слабост и замор. Поради целосен недостаток на инсулин, може да се појави и кетоацидоза, односно „закиселување на крвта“, а често се присутни брзо дишење , здив со мирис на ацетон, гадење, повраќање, болки во стомакот . Поради овие симптоми, често ќе се посомневаме на проблеми во дигестивниот систем. Значи, за разлика од дијабетесот тип 2, кој се јавува незабележливо, почетокот на дијабетесот тип 1 е бурен и придружен со високи вредности на гликоза во крвта.
Симптоми на дијабетес тип 1
Симптомите се изразени и се појавуваат одеднаш:
- Често мокрење
- Прекумерна жед
- Постојана глад
- Необјаснет замор
- Ненадејно губење на тежината
- Визуелни нарушувања
- Чести и повторени инфекции
Третман на дијабетес тип 1
Процесот на уништување на панкреасот трае со месеци, дури и години, а симптомите обично се појавуваат кога повеќе од 90% од бета клетките на панкреасот се уништени. Третманот ги вклучува основните принципи на лечење на дијабетес, односно упатства за исхрана, вежбање, самоконтрола и инсулинска базал-болус терапија. Со ваков третман на лечење се имитира работата на панкреасот и вклучува примање на инсулин со долго дејство кој го одржува нивото на гликемија помеѓу оброците и инсулин со кратко дејство кој се администрира пред оброк и кој го спречува покачувањето на гликемијата предизвикано од јадење. Се администрира во 4-5 дневни дози на инсулин со инсулински пенкала или со помош на инсулинска пумпа.
Дијабетес тип 2:
Ова е најчестиот тип на дијабетес во светот. Тоа се случува главно кога инсулинот произведен во панкреасот не може лесно да дејствува, станува збор за отпорност на инсулин, што ќе предизвика прогресивно зголемување на нивото на гликоза. Обично се појавува кај лицата над 40 години, со малку почетни или незабележителни симптоми, па може да потрае со години за да се дијагностицира. Овој тип на дијабетес е главно поврзан со прекумерна тежина (дебелина) и е поврзан со други хронични болести како хипертензија или покачен холестерол и триглицериди.
Дијагноза на дијабетес тип 2 и лекување:
Покачено ниво на глукоза над 7 ммол/л измерена во два наврати ја потврдува дијагнозата дијабетес, како и при правење тест со оптоварување со глукоза и измерено два часа по оптоварување 11 ммол/л или повеќе ја потврдува дијагнозата дијабетес. Вредноста на глукозата од 6,1 до 7 ммол/л на гладно или над 7,8 до 11 ммол/л по оптоварување со глукоза се нарекува нарушена глукозна толеранција или преддијабетес.
Тестот со оптоварување со глукоза се прави со претходна подготовка на пациентот.
Лекувањето се состои во немедикаментозен третман (хигиено диететски режим кој треба индивидуално да се приспособи на секој пациент), соодветна едукација на пациентите за исхраната, како и воведување соодветна физичка активност според возраста и можностите на пациентот.
Медикаментозен третман кој кај дијабетес тип 2 често бара комбинација од неколку орални хипогликемиски лекови. Не треба да се заборави дека дијабетесот е прогресивна болест која често бара да се интензивира оралната терапија и воведување на повеќе лекарства и неретко и инсулинска терапија. Затоа се важни чести тримесечни контроли на пациентите кај матичните лекари и 6-месечни контроли во центрите за дијабетес.
Гестациски дијабетес
Претставува тип на дијабетес кој се јавува во текот на бременоста. Некаде помеѓу 2-10 % од трудниците ќе развијат дијабетес во текот на бременоста и со тоа, оваа патолошка состојба е најчеста компликација во бременоста.
Гестацискиот дијабетес по својата патологија одговара на Дијабетес мелитус тип 2. Најчесто исчезнува по породувањето, но пациентката е во поголем ризик да развие дијабетес во наредна бременост или понатаму во текот на животот.
Гестацискиот дијабетес се открива со скрининг тест кој се врши од 24 до 28 гестациска недела. Овој тест е задолжителен кај сите трудници во овој период. Во случај да е негативен, а трудницата е со зголемен ризик за појава на гестациски дијабетес, тогаш се реализира подолг тест за глукозо толеранција наречен OGTT тест и се прави во консултација со интернист-ендокринолог. Во случај на ризични трудници, тестот се прави порано, уште во прв триместер.
Многу е важно во текот на бременоста да се контролира нивото на гликоза во крвта, бидејќи последиците се најразлични.
Самото породување кај овие пациентки е доста комплицирано и почесто се завршува со царски рез. Неконтролираното високо ниво на гликоза во крвта доведува до зголемување на масното ткиво кај бебето,што го отежнува породувањето и носи ризици по самиот плод.
Кај неконтролиран дијабетес на трудницата, почесто се наоѓаат вродени аномалии кај бебињата, најчесто срцеви аномалии. Ако навремено не се дијагностицира и третира оваа состојба, бебињата непосредно по породувањето можат да развијат различен степен на хипогликемија, од најблага форма па сè до мозочни оштетувања.
Кај мајката е зголемен ризикот од појава на прееклампсија ако страда од гестациски дијабетес.
Жените кај кои ке се дијагностицира дијабетес треба да се следат и после бременоста бидејќи повеќе од половината развиваат дијабетес тип 2
Лекувањето на гестацискиот дијабетес треба биде со диета. Ако нивото на гликeмијата не успее да се регулира со диета се започнува терапија со инсулин. Умерената физичка активност е многу корисна.
ЛАДА дијабетес
– латентна автоимуна болест кај возрасни (Latent autoimune desease in adults)
Покрај дијабетес тип 1, постои и автоимун тип на дијабетес но со побавен развој и поради тоа на почетокот наликува на дијабетес тип 2 (LADA – латентна автоимуна болест кај возрасни). За разлика од дијабетес тип 1, на пациентите со LADA не им е потребен инсулин најмалку 6 месеци по дијагнозата. Lada дијабетесот не е ретка,напротив таа е честа појава . Кај овој тип на дијабетес, телото создава антитела на панкреасот, но е потребно подолго време да се уништи панкреасот. На почеток се одвива лачење на инсулин во помали количини но со тенденција на пад во текот на болеста. Во третманот, исто така, неопходно е да се користи инсулин, како кај дијабетес тип 1.
Тоа е подмолна состојба ,често се потребни месеци некогаш дури години за да се идентификува, а на многу пациенти првично им се дијагностицира дијабетес тип2. Пред дијагностицирањето некои пациенти ги имаат класичните симптоми на дијабетес: заматен вид,губење на тежината, екстремна жед,често мокрење а некои имаат поблаги симптоми.
Третман на LADA
Мерките преку диета, вежбање и неинсулински лекови може да функционира одредено време, но за луѓето со ран LADA. Овој пристап на крајот, сепак не успева. Пациентите со LADA доживуваат постепено, но сериозно губење на функцијата на бета клетките. Брзото губење на контролата на гликемијата и напредување на болеста се еден од начините на кој лекарите можат да направат разлика помеѓу LADA и дијабетес тип 2. Состојбата може да потврди и со тестови за антитела. Lada дијабетесот може да напредува различно кај различни луѓе.
Дијабетес MODY
Тој е форма на дијабетес што се разликува од дијабетес тип 1 и тип 2. Неговата појава е главно поврзана со генетски фактори и наследување.
Иако болеста може да се манифестира и подоцна во животот, најчесто се појавува пред 25-тата година од животот.
Кај MODY дијабетесот има промени во еден ген, затоа велиме дека е моногена болест. Во повеќето случаи се јавува поради наследување на изменет ген од родителите но може да се јави сосема нова промена во генот кај луѓе кои немаат семејна историја. Според статистичките податоци, околу 5% од дијабетичарите страдаат од овој генетски тип на дијабетес.
Кај дијабетес тип 1 или 2, има промени во неколку гени и тоа се полигенски состојби.
За разлика од другите типови на дијабетес, кај типот MODY имаме нормално ниво на С-пептид во крвта, со отсуство на антитела кон клетките на панкреасот. Поради оваа причина, конечната дијагноза се поставува исклучиво со генетско тестирање.
Според клиничките симптоми и според тоа кои гени се засегнати, досега се откриени 14 типови на MODY дијабетес. Некои типови се позастапени од другите, особено типовите MODY 2 и 3.