Дијабетична невропатија односно дијабетична полиневропатија е најчеста компликација на дијабетесот.
Во моментот на откривање на дијабетесот, околу 18% од пациентите веќе имаат знаци на дијабетична невропатија, а по 25 години дијабетес, повеќе од половина од пациентите имаат дијабетична полиневропатија.
Терминот дијабетична периферна невропатија значи оштетување на нервите на нозете, ретко и на рацете. Оваа компликација на дијабетес се јавува и кај дијабетес тип 1 и тип 2. Обично се јавува симетрично на двете нозе.
Како да ги препознаете симптомите на дијабетична невропатија?
Кај дијабетичната невропатија, типично е дека тегобите се поизразени при мирување, особено ноќе, за разлика од периферната артериска болест, каде тегобите се јавуваат при одење. Кај дијабетичната невропатија, непријатноста се намалува при движење.
Симптомите варираат од целосно отсуство на болка до силна, неподнослива болка која го нарушува сонот . Пациентите често велат дека мора да станат и да одат во текот на ноќта.
Најчести симптоми:
- Чувство на вкочанетост во нозете
- Губење сензација-Намалено чувство на болка и температура – многу е важно пациентите да не одат боси и да не ги загреваат стапалата со различни греалки, бидејќи тоа создава ризик од повреди, исеченици, убоди и изгореници.
- Болки и жегања,пецкање
- Чувство на печење
- Преосетливост на допир – заболените често велат дека им пречат и чаршафите.
- Мускулна слабост
Дијабетична невропатија со губење на чувството за болка е една од причините за дијабетесно стапало.
Поради тоа што пациентите не чувствуваат болка, честопати се гребнати од чевлите или повредени на некој друг начин, а на таа повреда се формираат рани кои често пати се воспалуваат.
Дијагноза и третман на дијабетична невропатија
Дијабетичната невропатија се дијагностицира после разговор со дијабетолог, со невролошки преглед и со тестови препорачани од невролог.
Доброто регулирање на дијабетесот, движењето, вежбите на нозете и медикаментозната терапија по совет на лекар се многу важни во лекувањето.
Автономна невропатија
Автономната невропатија е посебна форма на невропатија.
Оваа форма варира во симптоми од целосно отсуство на симптоми до симптоми поврзани со различни органски системи,како што се срце,крвни садови,потни жлезд и др.
Кардиоваскуларна автономна невропатија
Оваа форма на автономна невропатија влијае на срцето и крвните садови.
Се карактеризира со:
- Забрзана работа на срцето во мирување.
- Неподнесување на напор.
- Пад на крвниот притисок во стоечка положба.
- Таканаречен тивок срцев удар, односно отсуство на болка при миокарден инфаркт.
Гастроинтестинална автономна невропатија
Овој тип на невропатија влијае на дигестивниот тракт.
Најчесто се карактеризира со:
- Промени во движењето на дебелото црево, или најчесто дијареа (особено ноќе) наизменично со запек.
- Неможност да се контролира столицата.
- Чувствување горушица.
- Бавно празнење на желудникот, што предизвикува чувство на тежина, рана ситост, гадење, недостаток на апетит.
Генитоуринарна автономна невропатија
Оваа форма на невропатија влијае на мочниот меур, каде што предизвикува промени во празнењето на мочниот меур.
Во гениталниот тракт може да се јави дисфункција кај мажите и болка кај жените.
Периферната автономна дисфункција
Може да предизвика промени во текстурата на кожата, чешање, оток, создавање стврднати делови, проблеми (губење) на ноктите, потење.
Превенција и лечење
Дијабетичната невропатија не е реверзибилна.
За да се спречи појавата на невропатија, па дури и кога постои, потребно е строго да се одржува нормално ниво на шеќерот во крвта, да се намали телесната тежина, да се контролира нивото на маснотии во серумот, да се престане со пушење и прекумерно внесување алкохол, како и правилна исхрана.
Првите години по откривање на дијабетесот се критични за развој на невропатија: ако не се добие во тоа време или ја има во поблага форма, тогаш пациентот има големи шанси невропатијата подоцна да не се влоши ако редовно се лекува а по препорака на доктор.
Како суплементарна подршка кај дијабетичната невропатија препорачливо е внес на Б комплекс, витамин Ц, АЛА (Алфа липоична киселина), магнезиум, хром и пробиотик.
Важно е да се напомене дека раната употреба на овие препарати, додека се уште не се појавило неповратно оштетување на нервите, може да помогне да се спречат последиците од дијабетична полиневропатија.
Свое место имаат и физикалните методи на лекување, особено хидротерапијата.