Бубрезите играат многу важна улога во телото. Тие служат како филтер кој ги отстранува штетните материи од телото. Секој бубрег има милиони ситни единици за филтрирање, наречени нефрони. Бубрезите дневно филтрираат околу 200 литри течност од крвта. Од оваа количина течност, околу 2 литри штетни материи и вишок вода се елиминираат со урина.
Кај дијабетичарите, нивото на шеќер во крвта е зголемено, а доколку и крвен притисок е зголемен, функцијата на бубрезите се оштетува, така што тие нема да можат ефикасно да ги филтрираат штетните материи.
Се проценува дека 30-50% од пациентите со дијабетес тип 1 и 20-30% од пациентите со дијабетес тип 2 имаат нарушена бубрежна функција.
Покрај улогата на филтри, бубрезите создаваат и ослободуваат хормони кои го регулираат производството на црвени крвни зрнца, крвниот притисок и влијаат на здравјето на коските.
Како да знаете дека бубрезите се оштетени?
Првиот знак дека бубрезите се оштетени е појавата на протеини во урината. Здравите бубрези делуваат на принципот на сита и ги задржуваат протеините. Кога бубрезите ќе се оштетат, почнуваат да испуштаат протеини, што може да се открие на едноставен начин, со едноставен тест на урина. Затоа, потребни се редовни лабораториски анализи.
Вашиот лекар може да побара собирање на 24 часовна урина за да го тестира нивото на протеини/албумин. Доколку тестот покаже присуство на протеини во урината, лекарот може да ви каже дека имате “протеинурија” или “микроалбуминурија”, во зависност од количината на протеините.
Гломеруларна Филтрациска Рата, (ГФР)
Ова е најдобриот начин за да дознаете колку всушност работат вашите бубрези, односно колку добро ја прочистуваат крвта од отпадните материи. Со одредување на ГФР вашиот лекар ќе ја тестира вашата крв за нивото на креатининот во серумот. Мерење на вредноста на ГФР е овозможено преку посебен тест, клиренс на креатинин, врз основа на добиената концентрација на креатинин во серумот и неговата количина исфрлена со урината во тек на 24 часа.
Анализата на урината за присуство на протеини треба да се прави најмалку еднаш годишно. Со строго контролирање на шеќерот и крвниот притисок, како и редовна контрола на урината, овие оштетувања може значително да се намалат. Игнорирањето на проблемот доведува до нарушување на функцијата на бубрезите, што во краен случај доведува до целосен прекин на нивната работа. Единственото решение во ваков краен случај би бил во дијализа или трансплантација.
Анемијата исто така се јавува и како резултат на бубрежна болест.Таа е состојба која се манифестира со недостаток на црвени крвни зрнца, еритроцити. Кај бубрежно болните се јавува главно како резултат на недостаток на еритропоетин, хормон кој се произведува во бубрезите, а кој преку крвта стигнува до коскената срцевина, каде што го стимулира формирањето на црвени крвни зрнца, еритроцити. Анемијата може да предизвика дополнително оштетување на бубрезите и срцето доколку не се корегира навреме.
КАКО ДА ГИ СОЧУВАТЕ БУБРЕЗИТЕ ОД ОШТЕТУВАЊЕ ПОРАДИ ДИЈАБЕТЕС?
- Одржувајте го HbА1с до вредност од 6.5%.
- Одржувајте го вашиот крвен притисок под 130/80 mmHg во просек од повеќе мерења.
- Разговарајте со вашиот доктор за уринарниот тест за микроалбумин најмалку еднаш годишно, потоа, за лековите и храната кои ги земате, а кои можат да ги заштитат вашите бубрези.