Кардиоваскуларните болести кај заболените од дијабетес, без разлика на типот на дијабетес, се многу чести и се проценува дека морталитетот и морбидитетот од оваа група заболувања е од 2 – 5 пати поголем отколку кај недијабетичарите на слична возраст. Од превентивен аспект, денес дури се смета дека тип 2 дијабетесот е еквивалент на коронарна болест и се препорачува интензивна контрола на сите ризични фактори за развој на кардиоваскуларните болести кај дијабетесот.
Коронарната артериска болест е водечка причина за морбидитет и морталитет кај пациентите со дијабетес мелитус. Пациентите со дијабетес е поверојатно дека ќе доживеат акутен миокарден инфаркт или срцева слабост и истите се изложени на поголем ризик за смрт по акутно кардијално заболување, отколку оние без дијабетес.
Нарушувањата кои се многу често присутни кај дијабетесот (како што се, на пример, хипертензија и дислипидемија) претставуваат јасни ризични фактори за кардиоваскуларните болести, додека пак дијабетесот, сам по себе е негативен ризичен фактор.
Бројните студии покажале дека ефикасната контрола на индивидуалните кардиоваскуларни фактори на ризик можат да превентираат или да го забават развојот на кардиоваскуларните болести кај лице со дијабетес.
- Мерење на крвниот притисок се препорачува на секоја рутинска контрола, кај сите пациенти со дијабетес.
Дијагнозата на хипертензија кај пациент со дијабетес се поставува кога во две посебни мерења (во два различни дена) вредностите на систолен АП се ≥ 140 mmHg или дијастолниот АП се ≥ 90 mmHg
Кај некои пациенти дијагнозата се поставува дури после примената на неинвазивен 24h амбулантен мониторинг на крвниот притисок.
Исхемиска болест на срцето
- Основни карактеристики на ИБС кај дијабетесот се дека се јавува во нешто помладите години за разлика од кај недијабетичарите, забрзано се влошува, а промените на крвните садови се дифузни, односно мултисадовни.
- Клинички не така ретко изостануваат класични ангиозни болки поради вегетативна невропатија. Затоа овој тип на болест се нарекува „нема ангина пекторис“. Тоа не значи дека е поблага, туку дека е често потешка.
- Како еквивалент на ангиозни болки, кај дијабетичарите се јавуваат гушење или малаксаност и препотување. Со оглед на тоа што кај дијабетичарите често постои и автономна вегетативна невропатија на кардиоваскуларниот систем, ризикот за настанување на бројни компликации е голем.
Примарна превенција на Исхемиска болест на срцето кај дијабетесот:
Примарната превенција опфаќа утврдување и коригирање на сите фактори на ризик за развој на КВБ. Се применува кај сите дијабетичари, без оглед на типот на дијабетес. Некои од овие мерки можат да се применуваат кај сите дијабетичари, додека, пак, другите се применуваат само кај пациентите кои имаат одредени ризични фактори.
Се препорачува промена на животниот стил (се однесува на типот на исхрана, физичката активност и одржувањето на телесната тежина во пожелни граници), престан на пушењето, контрола на гликорегулацијата, контрола на липидите во крвта, контрола на артерискиот притисок и примената на аспирин.