ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Што е дијабетес тип 1,третман,Лада

Што е дијабетес тип 1?

Дијабетесот тип 1 е автоимуна болест. Организмот почнува да создава антитела против сопствениот панкреас, што резултира со негово уништување и неможност да лачи инсулин. Инсулинот е хормон кој му помага на телото да ја користи гликозата за енергија и исто така им овозможува на клетките да складираат гликоза за подоцнежна употреба. Бидејќи дијабетес тип 1 има малку или нема инсулин, овој тип на дијабетес се нарекува и инсулин-зависен дијабетес и бара инсулински третман, за разлика од дијабетес тип 2. Најчесто се јавува кај помлади лица по дејство на некои вируси кои го поттикнуваат автоимуниот процес. Може да имаат членови во семејството со дијабетес, но се јавува и кај луѓе кои во семејството немаат членови заболени со дијабетес.

Почетокот на болеста

Дијабетесот тип 1 најчесто се појавува ненадејно, често поради присуство на инфекција, придружен со покачена температура, зголемена жед, често мокрење, слабост и замор. Поради целосен недостаток на инсулин, може да се појави и кетоацидоза, односно „закиселување на крвта“, а често се присутни брзо дишење , здив со мирис на ацетон, гадење, повраќање, болки во стомакот . Поради овие симптоми, често ќе се посомневаме на проблеми во дигестивниот систем. Значи, за разлика од дијабетесот тип 2, кој се јавува незабележливо, почетокот на дијабетесот тип 1 е бурен и придружен со високи вредности на гликоза во крвта.

Симптоми на дијабетес тип 1

Симптомите се изразени и се појавуваат одеднаш:

  • Често мокрење
  • Прекумерна жед
  • Постојана глад
  • Необјаснет замор
  • Ненадејно губење на тежината
  • Визуелни нарушувања
  • Чести и повторени инфекции

Третман на дијабетес тип 1

Процесот на уништување на панкреасот трае со месеци, дури и години, а симптомите обично се појавуваат кога повеќе од 90% од бета клетките на панкреасот се уништени. Третманот ги вклучува основните принципи на лечење на дијабетес, односно упатства за исхрана, вежбање, самоконтрола и инсулинска базал-болус терапија. Со ваков третман на лечење се имитира работата на панкреасот и вклучува примање на инсулин со долго дејство кој го одржува нивото на гликемија помеѓу оброците и инсулин со кратко дејство кој се администрира пред оброк и кој го спречува покачувањето на гликемијата предизвикано од јадење. Се администрира во 4-5 дневни дози на инсулин со инсулински пенкала или со помош на инсулинска пумпа.

LADA – латентна автоимуна болест кај возрасни  (Latent autoimune desease in adults)

Покрај дијабетес тип 1, постои и автоимун тип на дијабетес со побавен развој и поради тоа наликува на дијабетес тип 2  (LADA – латентна автоимуна болест кај возрасни). Кај овој тип на дијабетес, телото создава антитела на панкреасот, но е потребно подолго време да се уништи панкреасот. Кај овој тип на дијабетес се одвива лачење на инсулин, во помали количини и со тенденција на пад во текот на болеста. Во третманот, исто така, неопходно е да се користи инсулин, како кај дијабетес тип 1.