ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Овесни снегулки

Овесните снегулки како опција за здрава храна, во последно време станаа доста популарни, особено од кога излезе безглутенската диета, но и поради растот на процентот на луѓе кои заболуваат од дијабетес како и други хронични болести. Нив ги гледаме насекаде, на скоро секое видео каде се промовира здрава храна, секое стори, секој инфлуенсер кој промовира храна итн. 

  • Овесот е богат извор на микро и макронутриенти како и диететски влакна и е подобра варијанта за оброк од останати житарки. Има доста научно докажани студии за неговите бенефити и влијанието врз липидниот профил, нивото на шеќер во крвта, телесната тежина и други инфламаторни болести. 

НО дали знаете дека не секој тип на овес е добар за нас и има исто влијание врз горенаведените состојби?

Еве зошто.

Постојат повеќе видови на овес и разликата е во тоа како се произведени односно процесирани/преработени.

1.“Whole grain”- цел овес

2. “Steel-cut” – сечен овес

3. “Rolled” –  валан овес

4. “Instant” – инстант овес

Целиот сиров, овес не е обработен, тој доаѓа во својата нативна форма, додека другите се обработени, но на различни начини. Овесот кој е исечен или така познат како stell-cut е најмалку обработен за разлика од “rolled” и “instant” овесот или познати како овесни снегулки кои поминуваат поголема преработка и се повеќе процесирани.

При овие процеси на преработка се губи  поголемиот дел од диететските влакна, оние кои се наоѓаат во надворешната обвивка на целото зрно овес. Повторно ќе напоменам,овие диететски влакна се екстремно битни за дигестивниот тракт како и микробиом. Помагаат во регулација на нивото на шеќер, го подобруваат липидниот профил и придонесуваат ние подолго време да се чуствуваме сити.

Исто така при преработка на целото зрно овес доаѓа до промена на гликемискиот индекс (ГИ) и (ГЛ),односно што повеќе преработени- поголем ГИ, а поголем ГИ придонесува за побрз скок на нивото на шеќер во крвта кое е проследено со последователен брз пад. 

Ова придонесува ние да се чуствуваме набрзо повторно гладни, како и уморни со намалена концентрација итн. 

При постојана конзумација на храна со поголем ГИ доаѓа до појава на инсулинска резистенција, зголемена килажа, а тоа пак до појава на хронични болести како дијабетес тип 2.

Друго, кога се во прашање процесираните овесни снегулки е што тие доаѓаат и со додатоци како адитиви и заблажувачи за подобар вкус. Зголемена конзумација од овие придонесува до зголемена килажа и зголемен ризик од појава на хронични болести.

И последно е што кај овие овесни снегулки при процесот на преработка (пособено топлинска преработка) може да дојде до оксидација на незаситените масни киселини кои се наоѓаат во овесот. Ова придонесува до формирање на слободни радикали кои негативно влијаат врз човековото здравје.

Замамтете дека ЦЕЛАТА храна е најздравата опција за секоја личност и од тука произлегува дека се што е преработено и не е во својата природна форма губи доста од своите нутритивни вредности.

На не преработените овесни зрна им треба подолго време да се приготват ( од вечерта се потопуват и утрото се приготвуваат), но тоа нека не биде пречка за да вие посегнете по побрзата (процесираната) варијанта која и не е баш најздрава. 

Совет:  Доколку не можете да најдете цело зрно од овес, како најздрава варијанта, секогаш избирајте ги оние што се помалу преработени (го напоменав нивниот редослед погоре) и без никакви додатоци во нив, бидејќи вакви мали, последоватолни промени можат да придонесат за ваше подобро здравје.

Нутрициониста Вероника Минов