ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Дијабетес и дебелина

Дијабетесот е речиси неизбежен придружник на дебелината. Заедно со епидемијата на дебелина, расте и епидемијата на дијабетес тип 2. Дијабетесот во комбинација со дебелината значително го зголемува ризикот од сите компликации.

Основата на појавата на дијабетес тип 2 кај дебелата популација е инсулинската резистенција, односно намалената чувствителност на сопствениот инсулин. Масното ткиво предизвикува воспаление на клеточно ниво. Тквото хронично воспаление го отежнува врзувањето на инсулинот за рецепторите на клеточните мембрани, така што панкреасот мора да лачи значително поголема количина на инсулин за да го одржи нивото на шеќер во крвта во нормални граници. Зголеменото количество на инсулин влијае на сите органи и системи, што доведува до изразена потреба за слатки, промени во крвните садови, таложење на маснотии во црниот дроб. Зголеменото чувство на глад, внесувањето на масна храна, слатки, производи од бело брашно, дополнително го зголемува таложењето на маснотии во телото и крвотокот. Слободните масни киселини во крвта дополнително го отежнуваат дејството на инсулинот, кој веќе не е во состојба да го одржува шеќерот во крвта во нормални граници и се појавува дијабетес.

Дебелината влијае и на структурата и функцијата на срцевиот мускул, што го поврзува со коронарна болест и срцева слабост. Поради зголемен притисок во внатрешноста на абдоминалната празнина, доаѓа до намалување на виталниот капацитет на белите дробови, намалено количество кислород во крвта, зголемување на концентрацијата на јаглерод диоксид, прекин на дишењето за време на спиењето (синдром на апнеја при спиење) , зголемување на притисокот во черепот, рефлуксна болест на хранопроводникот и неможност да се задржи урината. Хипертензијата кај дебелите луѓе е предизвикана, меѓу другите механизми, од притисокот на масното ткиво врз бубрезите. Зголемениот притисок во бубрежните вени може да доведе до бубрежно заболување со зголемена екскреција на протеини преку урината, што постепено доведува до оштетување на крвните садови во бубрезите и бубрежна слабост.

Диететските навики кои вклучуваат внесување на високо-енергетска храна со малку диететски влакна и седентарен начин на живот во голема мера ја зголемуваат инциденцата (безалкохолен замастен црн дроб) и се претпоставува дека оваа болест на црниот дроб ќе биде водечка индикација за трансплантација на црн дроб во следната деценија .