Хипергликемијата е состојба во која концентрацијата на гликоза во крвта е покачена и е повисока од 7 mmol/L на гладно и повисока од 11,1 mmol/L два часа по оброкот. Кај луѓето кои веќе имаат дијабетес, хипергликемија се смета ако вредноста два часа по оброкот е поголема од 10 mmol/L.
СИМПТОМИ НА ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Симптомите на хипергликемија се развиваат во однос на нејзиното времетраење. На почеток на развојот на хипергликемија,симптомите се благи. Меѓутоа, доколку не се лекува и хипергликемијата трае долго, нејзините симптоми стануваат сè поинтензивни и може да дојде до развој на дијабетична кетоацидоза и кома.
Затоа, симптомите можеме да ги поделиме на симптоми кои се јавуваат рано со појавата на хипергликемија и оние кои се јавуваат подоцна, кои всушност се симптоми на кетоацидоза.
Рани симптоми на хипергликемија се: зголемена жед и глад, често мокрење, сува уста, заматен вид и главоболка.
Подоцнежни симптоми: се губење на тежината, слабост и замор, почести уринарни и кожни инфекции и побавно зараснување на раните. Овие симптоми се јавуваат почесто ако хипергликемијата трае подолго.
ПРИЧИНИ ЗА ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Хипергликемијата се јавува поради две причини, недостаток на инсулин и нечувствителност на инсулин.
НЕДОСТАТОК НА ИНСУЛИН:
Недостатокот на инсулин е состојба во која нема доволно инсулин, а може да настане поради намалено лачење на инсулин или поради намалена употреба на инсулин. Намалено лачење на инсулин се јавува поради уништување на ꞵ-клетките во панкреасот. Кај луѓето кои веќе користат инсулинска терапија, хипергликемијата нема да се јавува поради намаленото лачење на инсулин, туку поради неговите намалени апликации,како што се:
- Премала доза на инсулин
- Неправилна администрација на инсулин – затната игла на пенкалото или погрешно поставен инсулински сет за пумпа
- Премала болус доза за храна поради погрешно пресметаните јаглехидрати
- Намален ефект на инсулин поради грешка во неговото производство.
НЕЧУВСТВИТЕЛНОСТ НА ИНСУЛИН
Нечувствителноста на инсулин е кога максималниот ефект може да се постигне само со употреба на многу поголеми количини на инсулин од нормалните а намален одговор на инсулин е кога максимален ефект не може да се постигне дури и со употреба на најголеми количини на инсулин.
Причините за нечувствителност на инсулин може да се поделат на хормонални и нехормонални. Хормоналните причини се засноваат на хормони кои дејствуваат спротивно на инсулинот во метаболизмот на јаглени хидрати. Тие хормони се: хормон за раст, глукагон, кортизол и адреналин.
Додека нехормоналните причини се најчесто инсулинските антитела кои настануваат поради примената на надворешен инсулин и антитела на инсулинските рецептори.
Покрај сите овие причини, треба да се напомене дека хипергликемијата може да се појави и поради намалена физичка активност, акутни инфекции, стрес, земање разни лекови (на пр. стероиди) и многу други причини.
ДИЈАБЕТИЧНА КЕТОАЦИДОЗА
Дијабетична кетоацидоза (ДКА) е акутна компликација на дијабетес. Таа е предизвикана од нетретирана хипергликемија која трае долг временски период (неколку часа до неколку дена или повеќе). Се манифестира со екстремна хипергликемија, гликозурија(гликоза во урина), присуство на кетони во крвта и урината и симптоми како што се: повраќање, длабоко и забрзано дишење, здив на ацетон (мирис на овошје), забрзано чукање на срцето, дехидрација, дезориентација, конфузија и кома. Дијабетичната кетоацидоза започнува и се јавува поради недостатокот на инсулин. Недостатокот на инсулин предизвикува хипергликемија, го промовира разградувањето на мастите, од кои ќе се создадат кетони за да се обидат да ги компензираат енергетските потреби на телото.
Кетоните имаат токсичен ефект врз телото и предизвикуваат повраќање и кома. Повраќањето дополнително ја влошува дехидрацијата предизвикана од гликозурија и кетонурија и го нарушува балансот на електролити во телото. Според тоа, DKA е нарушување кое се манифестира со ацидоза, дехидрација на телото, електролитен дисбаланс и токсичниот ефект на кетоните и многу брзо може да доведе до кома, а доколку не се лекува како и до смрт.
ТРЕТМАН НА ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Третманот на хипергликемија зависи од времетраењето на хипергликемијата.
Хипергликемија на сам почеток на настанувањето: Се третира со примена на корективна доза на брзо-дејствувачки инсулин според совети на лекар. Благата физичка активност, како што е одење, може да помогне во намалувањето на гликозата.
Хипергликемија која трае подолг временски период (повеќе часови). Потребно да се провери присуството на кетони во урината или крвта. Доколку ги нема, се прави обид за намалување на шеќерот со корективни дози на брзо-дејствувачки инсулин. Меѓутоа, ако се присутни кетони, најдобро е да се консултирате со лекар.
Многу е тешко да се разликува кога хипергликемијата преминува од еден случај во друг, секоја хипергликемија е индивидуална и треба внимателно да се следат сигналите што ги испраќа телото.
И во првиот и во вториот случај, важно е да се провери нивото на гликоза во крвта и да се внесе доволно течности за да се избегне дехидрација. Исто така, важно е да не се претера со корективните дози поради можноста шеќерот да падне премногу ниско.
Хипергликемија и присуство на кетони -дијабетична кетоацидоза.
Третманот се врши исклучиво во болница и под медицински надзор. Тоа вклучува интравенска администрација на течности, електролити и инсулин за да се намали гликозата во крвта, да се запре формирањето на кетони, да се надокнадат течностите и да се коригира електролитниот дисбаланс. Важно е да се нагласи дека третманот на ДКА е многу сложен и бара итна медицинска помош и не може да се спроведе самостојно!
Извор:https://www.zadi.hr/