Управувањето со дијабетес тип 1 вклучува внимателно следење на нивото на гликоза во крвта на дневно ниво. Но, постои уште еден тест а тоа е тест за хемоглобин – HbA1c.
Што е HbA1c?
Кога го проверувате нивото на гликоза во крвта со глукометар или систем за континуирано мониторирање на гликоза (CGMs), вие мерите колку молекули (или mmol) гликоза има во вашиот крвоток во тој момент.
Но гликозата во вашата крв се прикачува на хемоглобинот (дел од вашите црвени крвни зрнца) – и тоа е она што се нарекува гликозиран хемоглобин или HbA1c. Ако има многу гликоза во вашиот крвоток, тоа ќе резултира со зголемен број на хемоглобин со прикачена гликоза.
Бидејќи крвните зрнца (а со тоа и хемоглобинот) живеат до 120 дена, вашиот резултат на HbA1c се однесува на претходните два до три месеци.
Тестот за HbA1c се прави поради повеќе причини, вклучувајќи:
Тековно управување со дијабетес. Важно е да направите тест за HbA1c најмалку двапати годишно, а можеби и почесто ако вашите резултати не се оптимални или ако имате промена во терапијата или здравствената состојба. Разговарајте со вашиот лекар колку често треба да направите тест.
Тестирање за преддијабетес или дијагноза на дијабетес. Ако имате симптоми на дијабетес тип 1 или тип 2, вашиот лекар треба да ве упати на тест за HbA1c за да се потврди дијагнозата.
За време на бременоста. Тестовите за HbA1c се повеќе се користат за следење на гестациски дијабетес и за откривање покачен HbA1c кај бремени жени кои живеат со дијабетес тип 1, што е поврзано со компликации кај мајката и фетусот.
Мерењата на HbA1c може да се прикажат како проценти или во единица mmol/mol.
HbA1c и дијагноза на дијабетес
Тестот за HbA1c е еден од тестовите за дијагноза на дијабетес тип 1.
Што е нормално ниво на HbA1c?
- Под 5,7% (39 mmol/mol) се смета за нормално
- Опсег од 5,7% (39 mmol/mol) до 6,4% (46 mmol/mol) укажува на предијабетес
- Вредност од 6,5% (48mmol/L) или повисока укажува на дијабетес.
Ако вашиот HbA1c спаѓа во опсегот на предијабетес, запомнете дека колку е поголем, толку е поголем ризикот од развој на дијабетес тип 2.
Кон кој резултат на HbA1c треба да се стремиме?
Се препорачува возрасните со дијабетес тип 1 да го задржат својот HbA1c до 7% (53 mmol/mol), сè додека тоа може да се постигне без значителни епизоди на хипогликемија.
Истражувањата покажуваат дека одржувањето на HbA1c до оваа вредност може значително да го намали ризикот од развој на компликации од дијабетес. Во една неодамнешна студија, истражувачите открија дека индивидуите со ниво на HbA1c од 7% или повисоко имале поголем ризик од развој на ретинопатија и рана бубрежна болест во споредба со оние со нивоа помеѓу 6,5% и 6,9%. Ризикот е многу повисок кај оние со HbA1c од 8,6% или повисоко.
Што е време во опсег ( TIR ) ?
Денеска кога CGMs технологијата овозможи деноноќно да се проверуваат нивоата на гликоза во крвта, може да зборуваме за времето во опсег (TIR). TIR е мерење кое ви овозможува да дознаете колкав процент од денот вашите вредности на шеќер во крв се во препорачаниот опсег.
Најнапред одредете кој е опсегот на вашите лични цели, но како општа препорака е гликемијата да се движи помеѓу 3,9-10,0 mmol/L (границите можете да ги прилагодите но важно е да го проверувате и времето што го поминувате со многу ниски нивоа -хипогликемија).
Колку повеќе време поминувате во опсегот, толку е помала шансата да развиете одредени компликации од дијабетес.
Кога станува збор за управување со дијабетес тип 1 или тип 2, генерално се препорачува да се стремите кон TIR од над 70%. Тоа значи трошење приближно 17 од 24 часа на ден во рамките на целните вредности на гликоза во крвта. Со користење CGMs можеме да постигнеме и TIR од 90% секако со посебна внимателност кон дозите на инсулин и ниските вредности на гликемијата .
Како TIR се разликува од HbA1c тест?
Иако резултатите од HbA1c го покажуваат просечно ниво на гликоза во изминатите два или три месеци, тие нема да покажат колку време сте поминале во хипогликемија или хипергликемија или дали нивоата на гликемиите биле стабилни или многу нестабилни, променливи.
HbA1c дава проценка на средината на вашиот опсег, но вашиот TIR дава многу повеќе увид на дневна основа и како, на кој начин е формирано вашето просечно ниво на гликоза.