ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Дијабетес и ментално здравје

Дијабетесот не влијае само на вашето тело и физичко здравје, туку влијае и на вашето менталното здравје и расположение. Влијанието на дијабетесот врз менталното здравје не треба да се игнорира, нормално е да чувствувате емоционален притисок и во таков случај најважно е да побарате помош.

Во денешно време, дијабетесот може успешно да се следи и контролира, но тоа не значи дека лесно се поднесува. Напротив, успешната контрола на дијабетесот подразбира човек активно да го следи нивото на шеќер во крвта, да планира одмори, физичка активност,исхрана,терапија… Има распоред за се што треба да се следи.

Таквото оптоварување може да предизвика лицето да се чувствува безволно, емоционално исцрпено и преплавено од негативни чувства. Оваа појава се нарекува „дијабетес исцрпеност“ и се советува да не се игнорираат емоциите, да се препознаат и доколку е потребно да се побара стручна помош. Стрес, лутина, тага, страв… Овој спектар на емоции често ја придружува болеста и мора да се дискутира. Во случај на дијабетес, да се чувствувате добро физички е половина од битката, а да се чувствувате добро ментално е уште еден дел од битката.

Можеме да почувствуваме наплив на гнев веднаш по дијагнозата. Чувствата можат да бидат со различен интензитет, од огорченост и прашањето „зошто јас“ до чист гнев поради болеста. Неконтролираниот гнев може да му наштети не само на пациентот, туку и на неговата околина. Исто така, гневот предизвикува стрес и може да доведе до депресија.

Клучот за справување со гневот е да може да препознаете што всушност го предизвикува, што се крие зад него. Дали е тоа страв? Губење на контролата? Дали сме лути на самите себе? Додека сте лути, обидете се да ја идентификувате таа основна причина, а потоа можете да работите за да ја надминете.

При дијагноза на дијабетес, на некој начин, негирањето е природно. „Не јас“, „не верувам“ или „сигурно има грешка“ се вообичаени размислувања во тој момент. Но, во одреден момент мора да ја прифатите вашата дијагноза и да преземете соодветни мерки. Ако продолжите да ја негирате вашата болест, може сериозно да го загрозите вашето здравје и безбедност.

Важен дел од избегнувањето на негирањето е да препознаете како тоа ве спречува да го правите она што треба да се направи. Со други зборови, ако се фатите себеси како размислувате за следните работи, можеби негирате за вашата болест:

„Еден залак нема да боли“ „Оваа рана сама ќе зарасне“ „Ќе одам на лекар подоцна“ „Немам време за тоа“ „Мојот дијабетес не е сериозен“

Сите се во негирање од време на време, но има работи што можете да ги направите за да се погрижите да не „заглавите“ во таа фаза. Направете јасен план со вашиот лекар и поставете ги вашите цели. Побарајте личност која веќе има искуство со болеста и која би можела да ве советува, придружете се на здружение на пациенти. И не двоумете се да побарате поддршка и помош од семејството и пријателите за да се придржувате до планот.

Депресијата може да го погоди секого.

Може да има тага или емоционална рамнодушност што едноставно не исчезнува. Или чувство на безнадежност и не знаете што е следно. Каква и да изгледа, депресијата не е секогаш лесно да се открие и може да ве одвлече од грижата за себе. Затоа, препознавањето на депресијата е многу важно.

Некои од можните симптоми на депресија се:

  • губење на интерес или задоволство,
  • промени во режимот на спиење,
  • будење порано од вообичаено,
  • промена на апетитот,
  • тешкотии со концентрацијата,
  • губење на енергија,
  • нервоза,
  • вина,
  • утринска тага,
  • губење на интерес за дружење и активности,
  • пад на резултатите на училиште, универзитет или на работа.

Побарајте стручна помош!

Ако чувствувате дека сте депресивни, разговарајте со вашиот лекар. Не двоумете се да прифатите помош од психијатар, депресијата е болест која мора и може да се лекува. Можеби психолог или психотерапевт може да ви помогне. Бидете трпеливи, потребно е време за да се надмине депресијата, но штом ќе добиете инструкции и совети и ќе започнете со лекување, чекор по чекор ќе ја преземете контролата.