ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Аронија и нејзината моќ

Аронијата се смета за едно од најздравите овошја.Таа е најмоќниот антиоксиданс во природата, има најмногу антиоксиданси меѓу сите видови бобинки и други овошја. Аронијата содржи високи концентрации на фитонутриенти, главно флавоноиди и полифеноли.

Високите нивоа на витамин Ц, полифеноли, антоцијани и проантоцијаниди обезбедуваат многу здравствени придобивки, помагаат во борбата против слободните радикали и имаат големо влијание врз здравјето и благосостојбата на луѓето.

Плодовите на црната аронија се исклучително богати со витамини. Таа содржи витамин Ц, А, Е, Б2, Б6, Б9 и многу реткиот витамин П. Од минералите содржи калциум, калиум, железо, молибден, манган, фосфор и јод. 

Аронијата може да ја користиме во свежа состојба, замрзната или во форма на сок, џем, желе, сируп, вино и чај.

Аронија и дијабетес

Со оглед на тоа што е богата со растителни влакна, аронијата е поврзана и со регулација на инсулинот, кој помага да се нормализира нивото на шеќер во крвта. Исто така, спречува ненадејни скокови и падови на нивото на шеќер во крвта, што може да биде многу опасно за оние со дијабетес. Ја регулира работата на панкреасот, па може да биде корисна и во лечењето на дијабетесот бидејќи го намалува нивото на шеќер во крвта.

Аронија за регулирање на крвниот притисок

Содржината на калиум во аронија е доволно висока за да има забележителен ефект врз здравјето на срцето, главно затоа што калиумот е вазодилататор и може да го олесни кардиоваскуларниот систем. Релаксирањето на крвните садови и артериите го зголемува протокот на крв со тоа се намалува крвниот притисок . Влакната и различните антиоксиданси во аронијата имаат клучна улога за здравјето на срцето, бидејќи го намалуваат нивото на холестерол и делуваат против слободните радикали.

Аронија за имунитет

Додека најголемо внимание се посветува на антиоксидансите, аронијата содржи и значително количество на витамин Ц, кој ја стимулира активноста на белите крвни зрнца и исто така е клучна компонента во производството на колаген. Колагенот е неопходен за раст и обновување на нови ткива, органи, крвни садови и клетки, додека белите крвни зрнца (леукоцити) функционираат како прва линија на одбрана на имунолошкиот одговор на телото. Затоа, аронијата е еден од најдобрите природни лекови за имунитет.

Го подобрува варењето

Богата со диетални влакна, го олеснува непреченото варење, подобрувајќи го движењето на храната низ цревата. Влакната можат да помогнат при опстипација, дијареа, грчеви, надуеност и стомачни тегоби. Органските соединенија содржани во аронија, исто така, ги штитат цревата од опасните бактерии, поради нивните антиоксидантни и имунолошки активности.

Аронија за крвна слика/анемија

Доколку имате проблем со анемија, аронијата како лек може да ви помогне. Изобилува со  витамини и минерали, вклучувајќи железо, витамин Ц и фолати – кои се многу важни за крвната слика, особено за лекување на анемија. Аронијата и спанаќот се особено добри за крвната слика.

Третман на когнитивни нарушувања

Антиоксидансите во аронија го намалуваат оксидативниот стрес во мозокот, а со тоа го намалуваат ризикот од Алцхајмерова болест, деменција и други когнитивни нарушувања поврзани со стареењето.

Подобрување на видот

Каротените кои се наоѓаат во овие бобинки може да го намалат оксидативниот стрес во очите, со што се спречува макуларната дегенерација и забавување или спречување на развојот на катаракта. Каротените се едни од најмоќните антиоксиданси и се наоѓаат во значително ниво во аронијата.

Нега на кожа

Постојат голем број на компоненти во аронијата кои можат да го подобрат здравјето и изгледот на вашата кожа. Оксидативниот стрес влијае на кожата како што старееме, што доведува до брчки, старечки дамки, како и сериозни флеки и лузни. Антиоксидансите во аронија може да ги спречат овие знаци на стареење, а поради нивните адстрингентни својства, тие всушност можат да ја затегнат кожата и да направат да изгледате помладо.

Антибактериска активност

Неодамнешните истражувања покажаа дека аронијата има директно влијание на грипот и бактериските инфекции во цревата и респираторниот тракт, што претставува превентивна мерка за време на сезоната на грип и настинки.

Превенција на рак

Истражувањата ги поврзуваат аронијата и нивната содржина на антоцијани директно со намалување на ризикот од рак на дебелото црево.

НУТРИТИВНА ВРЕДНОСТ- во 100 грама :

Калори 55 kcal
Протеини 1.5 грама
Масти 0.2 g
Јаглехидрати 10.9 g
Вода 80.5 g
Влакна 4.1 гр
Органски киселини 1.3 g

Извор:https://www.zdravisimo.com/