ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Како дијабетесот влијае на нашето расположение?

Иако навидум делува за состојба која се одразува исклучиво преку физичкото здравје, дијабетот е доста покомплексен здравствен проблем кој значително влијае и на менталното здравје и расположение. Првиот и очигледен проблем кој се јавува поради дијабетот е променливото и нестабилно ниво на енергија. Ова може да доведе и до нестабилност и променливост во расположението, да предизвика надразливост, иритираност, нервоза, анксиозност, нетрпеливост и сл.

Во овој поглед, голем број истражувања покажуваат дека дијабетичарите може да имаат потешкотии во одржувањето на константно и стабилно расположение, а тоа може впрочем негативно да се одрази врз нивниот однос со луѓето околу нив.

Дополнително, самата здравствена состојба – дијабетот, може да биде извор на еден вид „психичко оптеретување“, стрес и анксиозност кај пациентите. Голем број луѓе носат одреден „товар“, знаејќи дека живеат со дијабетес и дека нивното здравје е загрозено. Секојдневното внимавање на консумираната храна, мерењето на шеќерот, внимавање на симптомите – може да предизвика константен, хроничен стрес, кој пак негативно ќе се одрази и врз расположението. Некои истражувања покажуваат дека околу 25% од луѓето со дијабет тип 1 и околу 15% од луѓето со дијабет тип 2, чувствуваат ваков притисок, стрес и анксиозност. Исто така, одредени глобални статистики покажуваат дека дури 25% од лицата со дијабетес имаат некаков степен на депресија.

Се смета дека хипергликемијата (покачениот крвен шеќер) се манифестира преку чувство на нервоза, тага и вознемиреност, додека хипогликемијата (низок крвен шеќер) се препознава преку надразливост, глад и иритираност.

Интересно е што дијабетичарите не се единствените кои се подложни на ваквите нагли промени во расположението како резултат на силните варијации во нивото на шеќер во крвта. Дури и навидум здрави индивидуи кои често консумираат храна богата со рафинирани (прости) шеќери може да имаат вакви промени во нивото на енергија. Ова доведува до брз скок, т.н „пик“ во нивото на шеќер во крвта кое се препознава преку зголемена енергија, за потоа да има и силно производство на инсулин, кој пак нагло ќе го симне нивото на шеќер и ќе резултира со чувство на замор, безенергичност и надразливост.