Акценти
- Обично, тестот за гестациски дијабетес се спроведува помеѓу 24 и 28-ма гестациска недела
- Според една нова студија, воведувањето на рана дијагноза, пред 14-та гестациска недела, може да ги заштити и мајката и бебето од некои болести подоцна во животот.
- Навременото лекување во првиот триместар може да го спречи развојот на дијабетес тип 2, кардиоваскуларни и други заболувања, дебелина .
Според новото истражување објавено во списанието The Lancet, подобрувањето на методот на тестирање и контролирање на гестацискиот дијабетес во многу порана фаза од бременоста (пред 14-та недела) ќе ги заштити и мајката и бебето од компликации.
Неговите автори ја побиваат теоријата за контрола на дијабетесот по 24-та недела, нагласувајќи дека имплементацијата на алатки за рана дијагноза и превенција, во комбинација со интегрирана доживотна терапија, може да се покаже како клучна за луѓето со ризик од гестациски дијабетес.
Гестацискиот дијабетес се дијагностицира за време на бременоста. Нивото на шеќер во крвта кај заболените е повисоко од просекот, но пониско од оние со дијабетес. Болеста погодува една од седум (14%) бремени жени.
Како што се зголемува инциденцата на дебелина и други метаболички проблеми, се повеќе жени на репродуктивна возраст страдаат и од нарушена регулација на шеќерот во крвта, што ги става на ризик од компликации за време на бременоста и подоцна во животот, како што се дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.
Проф. Дејвид Симонс од австралискиот Универзитет Western Sydney објаснува: „Гестацискиот дијабетес станува се почест и не постои единствен пристап за справување со него. Кога се бара третман, мора да се земат предвид индивидуалните фактори на ризик и метаболичкиот профил на лицето“.
Случаите на гестациски дијабетес и компликации се зголемуваат:
Во текот на изминатите 20 години, инциденцата на гестациски дијабетес е зголемена за 2 до 3 пати во светски рамки. Во Северна Америка инциденцат е над 7%, а на Блискиот Исток и Северна Африка речиси 28%.
Помеѓу 30% и 70% од жените со гестациски дијабетес имаат високи нивоа на гликоза во крвта пред и околу 20-та недела. Овие пациентки се повеќе изложени на ризик од компликации отколку жените чиј гестациски дијабетес се манифестира по 24-28-ма недела.
Дури и кога дијабетесот се јавува во подоцнежна фаза, тој го зголемува ризикот од принуден царски рез (16%), предвремено раѓање (51%) и гестациски дијабетес кај бебето (57%). Некои студии покажуваат дека гестацискиот дијабетес дури може да го удвои ризикот новороденчето да биде примено на интензивна нега во неонатална единица.
Жените на кои им е дијагностициран гестациски дијабетес имаат 10 пати поголема веројатност да развијат дијабетес тип 2 и 2 пати поголеми шанси да развијат кардиоваскуларни болести подоцна во животот. Тие, исто така, имаат поголема веројатност да страдаат од истовремени болести како што се висок крвен притисок, дислипидемија (високо ниво на липиди во крвта), дебелина и замастен црн дроб.
Според експертите, гестацискиот дијабетес го зголемува и ризикот од ментални нарушувања како стрес, депресија и анксиозност. Некои трудници се срамат од својата болест и избегнуваат да го тестираат нивото на гликоза во крвта или да земаат инсулин, што ја влошува нивната состојба.
Д-р Јашдип Гупта од Институтот за медицински науки All India рече: „Гестацискиот дијабетес е огромна здравствена закана, а притоа и глобална. На жените им е потребна сериозна поддршка и од лекарите, од политичарите и од општеството воопшто за да добијат соодветен и ефикасен третман и да не се срамат од својата состојба“.
Раната дијагноза на гестациски дијабетес е од суштинско значење за доживотно добро здравје.
Гестацискиот дијабетес отсекогаш се сметал за компликација за време на бременоста, а традиционалниот третман вклучува земање лекови за намалување на нивото на шеќер во крвта кон крајот на вториот триместар. Препораките на СЗО наведуваат дека е добро жените да се скринираат за гестациски дијабетес помеѓу 24 до 28-ма недела, но не порано.
Сепак, некои понови студии укажуваат дека болеста почнува да се развива уште пред бременоста и сосема е можно да се манифестира во првите гестациски недели. 30%-70% од случаите на дијабетес може да се откријат рано во бременоста со орален тест за толеранција на гликоза. Тој тест ќе им помогне на жените кои имаат потреба од инсулинска терапија или имаат проблематична бременост.
Придобивките од рано откривање на гестациски дијабетес:
TOBOGM RCT е едно од студиите за жени со ран гестациски дијабетес . Откриено е дека откривањето на болеста и започнувањето со лекување пред 20-та недела, наместо помеѓу 24-28-ма, го намалува ризикот од компликации за време на бременоста и по раѓањето. Резултатите покажуваат дека раната дијагноза го намалува неонаталниот респираторен дистрес и должината на престојот во одделот за неонатална интензивна нега, го подобрува квалитетот на животот во вториот триместар од бременоста и ја зголемува шансата младата мајка да сака да го дои своето бебе.
Д-р Хелена Бакман од шведскиот универзитет Оребро забележува: „Придобивките од раното откривање на гестацискиот дијабетес се непобитни. Ако го заштитиме здравјето на трудниците и нивните бебиња, во иднина ќе спречиме многу компликации и хронични болести. Она што треба да го направиме е да започнеме со тестирање на идните мајки во првиот триместар и, доколку се открие гестациски дијабетес, треба да добијат потребен третман“.
Нови стратегии за подобрување на дијагнозата и третманот на гестациски дијабетес
Подоброто познавање на карактеристиките на гестацискиот дијабетес и неговите последици ќе им помогне на научниците, лекарите и креаторите на политиките да ги подобрат методите за превенција, третман и контрола на болеста. Авторите на оваа студија ги препорачуваат следните стратегии:
- Рано тестирање на гестациски дијабетес за жени кои спаѓаат во ризичната група – по можност пред 14-недела.
- Обезбедување услови за бременост без проблеми и здраво стареење, особено за жените со ризик од гестациски дијабетес.
- Подобрување на грижата за бремени жени, вклучително и скрининг за шеќер во крвта после породувањето.
- Индивидуална годишна проценка на состојбата на жените со веќе дијагностициран гестациски дијабетес, со цел да се спречат можните компликации како што се дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни нарушувања.
- Повеќе истражувања за гестациски дијабетес, со фокус на начините за подобрување на квалитетот на животот на засегнатите жени и нивните деца.
Проф. Дејвид Симонс од австралискиот Универзитет ,смета дека е крајно време сегашниот пристап за дијагноза и третман на гестациски дијабетес во доцната бременост да се замени со друг, персонализиран и посеопфатен, кој е применлив и во развиените и во сиромашните региони. Според него, превенцијата и раниот третман се двата најважни чекори во борбата против болеста.
Извор:https://medicalxpress.com/news/2024-06-gestational-diabetes-early-pregnancy-complications.html
https://www.thelancet.com/journals/lancet/article/PIIS0140-6736(24)00827-4/abstract