ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

15 знаци на висок шеќер во крвта

Кај здрав човек при внесување шеќер или која било храна со висок гликемиски индекс (ГИ), нивото на шеќер во крвта брзо се зголемува. Тоа го достигнуваат својот врв во рок од 45 минути по јадење, потоа почнува да се намалува. Во рок од 2 часа, се враќа на нормално ниво.

Кај лицата со дијабетес се случува многу често долго задржување на гликемиите во високо ниво што предизвикува товар за телото и сите органите и по подолг период, можно е нивно трајно оштетување.

Истражувањата покажуваат дека многу луѓе често имаат повисоко ниво на шеќер во крвта, но не се ни свесни за тоа. Ако не се свесни за нивната состојба, нема да ги променат навиките и нема да преземат мерки за лекување. Доколку покажете некои од овие симптоми, може да имате високо ниво на шеќер во крвта а со едноставен тест на крвта можете да го утврдите тоа.

1. Замор

Заморот може да биде симптом на високо ниво на шеќер во крвта. Кога имате премногу гликоза (шеќер) во крвта, ќе се чувствувате уморни. Крвта се движи побавно и циркулацијата на крвта низ телото се забавува. Така органите и клетките не го добиваат кислородот што им е потребен. Заморот предизвикан од високите нивоа на шеќер во крвта може да биде придружен со вртоглавица и раздразливост.

Понекогаш, самото станување од кревет и подготовката за работа може да ве исцрпи. Заморот може да биде предизвикан и од лошиот квалитет на спиењето. Истражувањата покажуваат дека до 31% од пациентите со дијабетес тип 1 имаат слаб квалитет на спиење. Со дијабетес тип 2, бројката се движи до 42%.

2. Заматен вид

Ако понекогаш имате заматен вид, тоа може да биде затоа што имате високо ниво на шеќер во крвта. Високото ниво на шеќер во крвта кое не се намалува предизвикува отекување на леќите на окото.Оваа промена на леќата влијае на вашата способност за гледање. Ако не се лекува, честото отекување на леќата може да предизвика трајно оштетување и да влијае на вашиот вид, во краен случај и слепило. Дијабетичната ретинопатија ги опишува состојбите на очите предизвикани од дијабетес. Двете најчести компликации на очите се макуларниот едем и пролиферативната ретинопатија.

3. Главоболки

Главоболките се чести кај луѓето со висок шеќер во крвта. Тие не се опишани како мигрена и не се тешки по природа. Ова е еден од најраните знаци дека нешто не е во ред со нивото на шеќер во крвта.

Главоболката е предупредување дека има големи промени во нивото на шеќер во крвта. Колку повеќе ви се менува нивото на шеќер во крвта, можно е почесто да имате главоболки.

Важно е да се напомене дека не сите главоболки се предизвикани од нивото на шеќер во крвта.

4. Зачестено мокрење

Ова е вообичаен знак за високо ниво на шеќер во крвта. Бидејќи вашето тело не го обработува шеќерот во крвта, тој се акумулира и го наоѓа патот до вашите бубрези. Вашите бубрези работат забрзано но најверојатно нема да можат да го задржат темпото. Тогаш вишокот шеќер влегува во урината при тоа со себе зема и други течности. Ова резултира со полнење на мочниот меур со повеќе течност од вообичаено, што ја поттикнува потребата за посета на тоалет.Овој симптом се нарекува полиурија.

Тестирајте го нивото на шеќер во крвта што е можно поскоро.

Постојат и други здравствени состојби кои се причина за полиурија но и земањето диуретични лекови или пиење многу кафе исто така може да доведат до полиурија.

5. Зголемена жед

Прекумерната жед се нарекува полидипсија. Таа е исто така показател дека нивото на шеќер во крвта може да биде високо. Како резултат на полидипсија, луѓето доживуваат полиурија, бидејќи водата што ја пијат мора да се исфрли од телото.

Пиењето многу вода на некој начин е препорачлива но на ваков начин се нарушува хемиската рамнотежа во телото. Ако пиете премногу вода, тоа ја разредува крвта. Тоа доведува до намалување количината на натриум во крвта. Ова се нарекува хипонатремија. Хипонатремијата со себе носи главоболки, грчеви во мускулите, гадење, замор.

Пиењето премногу вода исто така ги разредува електролитите, витамините и минералите. Бидејќи водата се исфрла од телото, ги зема и тие хранливи материи со себе. Недостатокот на електролити, витамини и минерали може да доведе до мноштво проблеми, а многу од нив се поврзани со имунолошкиот систем и дигестивните процеси.

Ако сметате дека пиете многу повеќе вода од вообичаено, консултирајте се со вашиот лекар. Вашето тело се обидува да ви каже нешто, на пример, дека нивото на шеќер во крвта е високо.

6. Зголемен апетит

Ова исто е показател за високо ниво на шеќер во крвта. Прекумерната глад или зголемен апетит се нарекува полифагија. Без разлика колку јадете или колку често јадете, никогаш не се чувствувате сити.

Ако нивото на шеќер во крвта е високо, шеќерот не се апсорбира во вашиот систем каде клетките го претвораат во енергија. Вашето тело не ја апсорбира гликозата затоа што панкреасот не произведува инсулин,произведува премалку или пак затоа што имате развиено отпорност на инсулин. Така клетките остануваат без гликоза и не можат да произведат енергија. Тоа ве прави да се чувствувате гладни.

Препорачливо е да се тестира нивото на шеќер во крвта за да се утврди точната причина бидејки ова може да се појави и кај луѓе со нарушувања во исхраната, стрес, депресија, анксиозност или хипертироидизам.

7. Устата ви е постојано сува

Тоа е вообичаен знак за високо ниво на шеќер во крвта и дијабетес. Препорачливо е да побарате лекарска помош ако имате сува уста и се сомневате дека можеби имате дијабетес. Сувата уста е предизвикана од недостаток на плунка во устата. Симптоматските карактеристики на сува уста се испукани усни, груб или сув јазик, рани во устата или инфекции на непцата.

Ако имате високо ниво на шеќер во крвта и ако ви е дијагностициран дијабетес, вашиот лекар може да ви помогне во олеснување на симптомите.

8. Може да почувствувате недостаток на здив

Скратен здив е поврзан со многу високи нивоа на шеќер во крвта. Тоа е знак дека нивото на шеќер веќе подолго време е на високо ниво. Ако не ги лекувате високите нивоа на шеќер во крвта, може да дојде до кетоацидоза или крајно и дијабетична кома. Тоа е предизвикано од недостаток на инсулин во телото. Овој недостаток на инсулин е показател дека вашиот панкреас повеќе не произведува инсулин.

Кога не може да апсорбира гликоза за да произведе енергија, телото почнува да согорува масти за да создаде енергија. При тоа се создаваат отпадни нуспроизводи наречени кетони.

Но кетоните не можат да се исфрлат целосно преку урината. Остануваат во телото, што доведува до кетоацидоза, која е потенцијално фатална и мора веднаш да се лекува.

Ако ги чувствувате симптомите на кетоацидоза од кои еден е отежнато дишење, посетете лекар. Тестирањето на нивото на шеќер во крв вклучително и кетони ќе утврди точно за што станува збор.

9. Отежната концентрација и помнење

Проблемите со меморијата, конфузијата и тешкотиите со концентрирање може да бидат поврзани со неколку состојби. Тие вклучуваат депресија, стрес, злоупотреба на алкохол, Алцхајмерова болест, несакани ефекти од лекови или неактивна тироидна жлезда. Но можат да бидат поврзани и со високи нивоа на шеќер во крвта кои не се лекувале подолго време.

Симптомите на губење на меморијата вклучуваат заборавање на имињата на блиските пријатели и членовите на семејството или каде се работите во вашиот дом. Може да заборавите нешто значајно што ви се случило или ќе заборавите нешто што неодамна сте го направиле. Можеби ќе влезете во соба и не се сеќавате зошто сте отишле таму.

Симптомите на конфузија вклучуваат несигурност каде сте и како сте стигнале таму или неможност да донесувате избори или одлуки. Тешкотијата во концентрирање вклучува и неможност да се фокусирате на некоја работа. Понекогаш се наоѓате себеси како повторно ја започнувате истата задача затоа што не сте биле концентрирани кога сте започнале.

Вашата лоша меморија и неспособноста за концентрирање  може да бидат поради високо ниво на шеќер во крвта подолг период. Вашето тело се бори да произведе енергија бидејќи не може да ја апсорбира гликозата во крвотокот. Ова влијае и на мозокот и ако не добива доволно енергија, нема да може да функционира оптимално.

10. Болки во стомакот или гастроинтестинални проблеми

Овие проблеми се вообичаени кај луѓето со високи нивоа на шеќер во крвта и дијабетес. Должината на времето на покачени вредности на шеќер во крвта и колку се високи може да влијае на вашиот гастроинтестинален тракт.

Гастропарезата се карактеризира со задоцнето празнење на желудникот  а поради високиот шеќер кој може да го оштети вагусниот нерв. Кога вагусниот нерв е оштетен, мускулите во гастроинтестиналниот тракт не работат правилно. Храната не се спушта низ дигестивниот систем, туку таа останува и нејзиното движење е одложено. Симптомите на гастропареза вклучуваат повраќање несварена храна, надуеност во пределот на желудникот и необјаснето губење на тежината.

Најдобар начин да се справите со оваа состојба е да јадете здрава избалансирана храна и вежбањето. Препорачливо е да јадете до шест мали оброци дневно наместо три големи. Ова му овозможува на вашиот дигестивен систем да обработува помали количини храна.

11. Бавно зараснување на исекотини и рани

Исекотини и рани кои не зараснуваат се знаци дека нешто не е во ред со вашето здравје. Во рок од неколку минути откако ќе се здобие со расекотина или рана, телото веднаш почнува да го лекува. Кога вашето тело не реагира на овој начин, треба да ја утврдите основната причина.

Кога исекотините и раните не зараснуваат, тоа може да биде знак за постојано висок шеќер во крвта. Високото ниво на шеќер предизвикува невропатија и проблеми со циркулација на крвта па процесите на заздравување се по бавни бидејки телото не може да го достави она што е потребно за заздравување на раната.

12. Чешање на кожата

Чешањето како симптом е чест кај луѓето со дијабетес.

Оштетените нервни влакна на површината на кожата може да предизвикаат чешање на кожата. Но исто така, тоа може да биде резултат на егзема, псоријаза, изгореници од сонце.

Внимавајте посебно на долните екстремитети поради невропатијата. Чешање на кожата додека не прокрвари ве става на дополнителен ризик бидејки кожата нема да зарасне и ќе биде подложна на инфекции.

Третирајте го чешањето на кожата со лосиони веднаш по капењето. Внимавајте да не сте алергични или чувствителни на производите што ги користите бидејќи може да ви создаде дополнителни проблеми. Ако чешањето на кожата е резултат на високи нивоа на шеќер во крвта, регулирањето на шеќерот со диета и лекови/инсулин ќе го олесни проблемот.

13. Вкочанетост или болка во екстремитетите

Лошата циркулација и оштетените крвни садови поради високиот шеќер во крв, влијае на вашите раце и прсти. Тоа е така бидејќи е нарушен циркулаторниот систем.

Може да почувствувате симптоми на ладни или вкочанети раце и нозе, кршливи нокти, сува или испукана кожа и опаѓање на косата. За луѓето со побледа кожа, ќе забележите сина нијанса на рацете и нозете.

Последиците од вкочанетоста на екстремитетите поради високото ниво на шеќер во крвта не се мали. Во случај на мала исекотина или гребаница, поради слаб имунолошки одговор, заздравувањето може да биде одложено или  да не се случи. Може да дојде до инфекција, последователно и до гангрена.

Вежбањето и физичките активности го намалуваат нивото на шеќер во крвта. Исто така пулсот се зголемува за време на вежбањето со што го стимулира и вашиот циркулаторен систем.

14. Здив со мирис на овошје

Ако забележите дека вашиот здив има овошен мирис, тоа е можно поради дијабетесот. Постојат две причини за здив со овошен мирис поврзани со шеќерот во крвта:

Првата е дијабетична кетоацидоза  Високото ниво на шеќер во крвта може да предизвика хиперпродукција на кетони. Ова состојба е опасна по живот и бара итна медицинска интервенција.

Симптомите на дијабетична кетоацидоза вклучуваат стомачна болка, гадење, треска, повраќање и замор.

Околу 31% од случаите со симптоми на овошен здив се поради дијабетична кетоацидоза.

Вториот е хипергликемичен хиперосмоларен синдром . Ова е сериозна состојба која може да се манифестира кај лице кое живее со дијабетес тип 2. Се карактеризира со замор, гадење, повраќање, често мокрење и овошен мирис на здивот. Не е честа состојба, но е опасна поради нејзиниот брз почеток. Ако некое лице ги покаже тие симптоми, неопходна е итна медицинска помош за да се избегнат трајни компликации или дури и смрт.

Околу 34% од случаите кои вклучуваат знаци на овошен здив се покажаа како хипергликемичен хиперосмоларен синдром.

Преостанатата причина за овошен мирис на здивот е откажување на црниот дроб. Ова е случај во околу 34% од случаите кога луѓето пријавуваат здив со овошен мирис како дел од нивните симптоми.

15. Висок крвен притисок

Високиот крвен притисок е предизвикан од неправилната контракција на крвните садови што со текот на времето ги оштетува дијабетесот. Стеснувањето на крвните садови предизвикува зголемување на крвниот притисок. Зголемениот притисок на ѕидовите на крвните садови може да предизвика трајно оштетување.

Лекарот треба да го провери нивото на шеќер во крвта на секој со висок крвен притисок. Елиминирањето на високите нивоа на шеќер во крвта може да помогне да се намали крвниот притисок.