ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

10 Намирници кои превенираат и помагаат при лечење на хипертензија

Исхраната игра важна улога во превенцијата и лекувањето на хипертензијата. Истражувањата покажаа дека за овие цели најдобро е да се јаде храна со малку натриум, т.е. сол, и богата со калциум, магнезиум и калиум, како и здрави масти. Ова се пред се:

Авокадо – ова овошје е богато со гореспоменатите минерали, мононезаситени масти, како и со каротеноиди кои благотворно делуваат на кардиоваскуларниот систем.

Брокула – содржи и глукозинолати, фитонутриенти кои имаат антиканцерогени својства.

Кељ – покрај тоа што е добар извор на калиум, магнезиум и калциум, кељот е богат со антиоксиданси, а содржи и алфа-линолеинска киселина која ги ублажува воспаленијата во организмот.

Цвекло – изобилува со нитрати, кои ефикасно помагаат во превенција од кардиоваскуларни заболувања. Во едно четиринеделно истражување, испитаниците пиеле 250 ml сок од цвекло дневно, што резултирало со намалување на горниот (систолен) крвен притисок за 8 mmHg и долниот (дијастолен) за 4 mmHg.

Калинка – една чаша сок од калинка дневно, благодарение на флавоноидите што ги содржи ова овошје, може да помогне во намалувањето на систолниот притисок (во просек за 5 mmHg) и дијастолниот притисок (за 2 mmHg).

Банани – една банана со средна големина ќе ни обезбеди дури 422 мг калиум и 32 мг магнезиум. Во едно истражување, учесниците јаделе 2 банани секој ден и по само една недела, нивото на крвниот притисок им се подобрило.

Јогурт со низок процент на масти – е одличен извор на калциум, а според Американското здружение за кардиологија, луѓето кои конзумираат 5 или повеќе порции јогурт неделно имаат 20% помал ризик од хипертензија.

Овесна каша (од цело зрно) – идеална за појадок благодарение на влакната и протеините кои ги содржи. Овесната каша е исто така ниска со масти и сол а е добар извор на витамини од Б-комплексот, магнезиум, калиум и други минерали.

Семките од сончоглед и тиква се одличен извор на магнезиум и калиум. Најдобро е да ги јадете помеѓу оброците, како здрава ужина, важно е само да изберете несолени семки, сурови или суви печени.

Маслиново масло – ова масло е одличен извор на здрави масти, додека истовремено е богато со полифеноли кои го намалуваат воспалението и помагаат во регулирањето на крвниот притисок.