ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Физичка активност и придобивки

Физичката активност игра значајна улога во животот на лицата со дијабетес. Вежбањето се издвојува како најдобар начин за регулирање на телесната тежина, ја зголемува чувствителноста на инсулин и го подобрува метаболизмот на гликозата. Исто така го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, влијае на нивото на вкупниот холестерол и го регулира крвниот притисок.

Ако страдате од дијабетес, имајте предвид дека вежбањето е еден од методите на лекување и физичките вежби треба да ви бидат задолжителни на дневна основа поради подобрата контрола на нивото на шеќер во крвта. Човекот е создаден да се движи, а не да живее седентарен начин на живот.

Основните видови на физичка активност се:

Аеробни активности – одење, трчање, возење велосипед, ролери, танцување, работа во градина.  Во принцип, аеробните вежби ја намалуваат гликемијата.

Анаеробни активности – кревање тежина, вежби за сила, спринт. Општо земено, анаеробните вежби може да  ја зголемат гликемијата.

Мешани аеробни-анаеробни активности – вклучуваат комбинација на анаеробни и аеробни активности: фудбал, ракомет, кошарка,тенис. Општо земено, мешаните активности и вежбањето се поврзани со гликемиската стабилност.

Која е користа од физичката активност?

  • Физичката активност ја зголемува чувствителноста кон инсулинот.
  • Физичка активност допринесува за контрола на телесната маса.
  • Слабеењето кај луѓето со дијабетес тип 2 ја подобрува контролата на гликозата во крвта.
  • Го намалува стресот.

Вежбањето има голем психолошки ефект.

Воспоставувањето контрола над дијабетесот се рефлектира и во други области од животот. Се зголемува самодовербата, се намалува зависноста од лекови.

За оптимално здравје, на сите возрасни им требаат најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет неделно.

Во борбата против дијабетесот и држење на болеста под контрола, физичката активност е еден од најважните фактори и не само тоа – доколку сме активни, може да помогне во спречување на појава на дијабетесот.

Зошто физичката активност е важна за луѓето со дијабетес?

  • Прво, го зголемува пулсот. Без разлика дали пешачите, трчате, возите велосипед или пливате, активноста го поттикнува вашето срце да пумпа, што му помага на телото поефикасно да го користи инсулинот.
  • Исто така, физичката активност ја подобрува циркулацијата. Вежбањето носи крв во сите органи, особено во бубрезите, мозокот, срцето и очите, кои, како што е познато, се под „напад“ од дијабетес.
  • Доколку луѓето со дијабетес се активни, тие го намалуваат ризикот од срцеви заболувања,влијаат на нивото на вкупниот холестерол и го регулираат крвниот притисок.
  • Улогата на физичката активност е исто така важна во канализирањето на стресот. Познато е дека стресот го зголемува ризикот од развој на дијабетес, дека им отежнува на луѓето со дијабетес да ја контролираат својата состојба и дека може да предизвика ненадејни скокови и падови на гликозата во крвта.

Бидете физички активни. Физичката активност може да има многу позитивни ефекти врз вашето здравје :

  • Намалување на нивото на шеќер во крвта,
  • Намалување на потребата за инсулин и/или апчиња,
  • Намалување на вредностите на HbA1c, т.е. генерално ја подобрува контролата на дијабетесот,
  • Намалување на телесната тежина и количината на масно ткиво во телото,
  • Полесно се надминуваат стресните ситуации,
  • Се подобрува циркулацијата и воопшто состојбата на крвните садови и срцето,
  • Се регулира крвниот притисок и нивото на маснотии во крвта,
  • Се чувствувате подобро, спиете подобро, имате повеќе сила, енергија.