ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Ретинопатија,катаракта и глауком

Заматениот вид е еден од првите знаци за постоење на дијабетес. Исто така треба да се земе во предвид дека и високите и ниските нивоа на шеќер во крвта можат негативно да влијаат на здравјето на очите и да доведат до проблеми.

Дијабетес и ретинопатија:

Дијабетичната ретинопатија  е компликација од шеќерната болест, предизвикана поради оштетување на крвните садови на ретината. Често се манифестира во мали, шилести крварења кои се резултат на микроаневризми или испакнатини на капиларите, поради што нивните ѕидови пукаат. Дијабетичната ретинопатија е водечка причина за стекнато слепило кај работоспособната популација во развиените земји и трета најчеста причина за оштетен вид кај пациенти на возраст над 65 години. Преваленцијата и тежината на дијабетичната ретинопатија зависат од времетраењето на шеќерната болест и од степенот на гликемиската контрола.  Таа е почеста кај оние со лоша гликорегулација, дислипидемија, хипертензија, обезност и кај лицата преку 40 годишна возраст.

Болеста може да има две фази:

  • Првата е непролиферативна дијабетична ретинопатија и се манифестира со проширување на крвните садови и капиларите на мрежницата, при што се јавува крварење. На жолтата точка може да се појави оток, т.н макуларен едем, што доведува до нарушување на сликата и намалување на визуелната острина. Макула или жолта пега е средниот дел на ретината или мрежницата која ни овозможува централен вид, читање и разликување на фини детали. Дијабетот може да доведе до оток во макулата, што се нарекува дијабетичен макуларен едем. Со текот на времето, оваа болест доведува до нарушување на сликата и визуелната острина. Макуларниот едем обично се развива кај луѓе кои веќе имаат други знаци на дијабетична ретинопатија.
  • Втората фаза е т.н пролиферативна дијабетична ретинопатија каде што често има намалено снабдување со кислород и хранливи материи во мрежницата, т.е. исхемија. Исхемичните делови на мрежницата доведуваат до абнормален раст на нови крвни садови или неоваскуларизација, а новите крвни садови се многу кревки и често пукаат, предизвикувајќи уште поголемо крварење во внатрешноста на окото (стаклестото тело).

Превенцијата се состои од добро регулирање на шеќерот во крвта, правилна исхрана и лекови.

Дијабетес и катаракта:

Дијабетесот е поврзан и со катаракта, каде што очната леќа станува заматена, спречувајќи ја реакцијата на светлина и намалувајќи ја визуелната острина.

Очната леќа е дел од окото што се наоѓа зад ирисот, а пред стаклестото тело и го зафаќа најголемиот дел од таканаречената задна комора. Заматувањето на очната леќа првично влијае само на еден дел од неа, но со текот на времето може да напредува и да влијае на целата леќа.

И здравите луѓе може да имаат проблеми со катаракта, особено постарите лица. Таа е присутна кај 50 проценти од луѓето на возраст меѓу 65 и 74 години и кај 70 % од луѓето над 75 години.

Карактеристично за луѓето кои боледуваат од дијабетес е што малку порано може да се развие катаракта и состојбата може побрзо да се влоши. Хируршката интервенција е најефективното решение, при што природната леќа за очи се заменува со вештачка.

Дијабетес и висок очен притисок:

Кога протокот на течност во окото не функционира правилно, тоа доведува до висок очен притисок или глауком, уште еден проблем со очите поврзан со дијабетес. Високиот очен притисок може да ги оштети садовите и нервите во окото, што доведува до влошување на визуелната острина.

Се третира со намалување на очниот притисок, намалување на производството на воден хумор и негово одводнување. Симптомите на глауком може да вклучат заматен вид и болка во очите, но нема симптоми додека болеста не напредне, што може да доведе до трајно губење на видот.

Глаукомот доколку навреме се дијагностицира, може да се држи под контрола и ќе се спречат трајните последици врз видот.