Метаболичкиот синдром е збир на метаболички нарушувања кои го зголемуваат ризикот од развој на дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.
Иако метаболичниот синдром е релативно понов концепт, првите студии датираат од 1923 година кога е опишана истовремената појава на хипергликемија, хипертензија,хиперлипидемија и хиперурикемија кај одредена група на луѓе. Дебелината како појава беше додадена многу подоцна.
Подоцна детално е опишана поврзаноста помеѓу дијабетес мелитус, хиперлипидемијата, гихт, хипертензија, дебелина, атеросклероза и стеатоза на црниот дроб и тие се меѓу деветте најзначајни фактори на ризик кои заедно сочинуваат 90% ризик за миокарден инфаркт.
Откако ќе се постави дијагнозата на метаболичен синдром, третманот мора да биде јасно прецизиран и бескомпромисен со цел да се намали ризикот од кардиоваскуларни компликации и дијабетес.
ПРИМАРНА ПРЕВЕНЦИЈА
Се препорачува промена на животниот стил како примарна мерка :
• Умерено калориско ограничување, со цел да се намали телесната тежина за 5 до 10% во текот на првата година
• Умерено зголемување на физичката активност
• Промена во исхраната
Слабеењето и физичката активност, е првата опција која треба да се примени кај лицата со метаболичен синдром. Екстремните диети ретко се ефикасни како долгорочна форма на терапија, па поради тоа не се препорачуваат .
Средното калориско ограничување (намалување за 500-700 кал/ден) е многу поефикасно во смисла на одржување на соодветна телесна тежина. Реална цел е да се намали телесната тежина од 5 до 10% во период од 6 до 12 месеци. Одржувањето на соодветна телесна тежина во следниот период најдобро се постигнува со редовна физичка активност.
Се препорачува дневна умерена физичка активност во траење од најмалку 30 минути. Откажувањето од пушењето е задолжително.
Промената на животниот стил е, за жал, често занемарена во секојдневната клиничка пракса без разлика на докажаната ефикасност во намалување на метаболичките ризик фактори.
СЕКУНДАРНА ПРЕВЕНЦИЈА
Кај луѓе чија промена на животниот стил не е доволна за лекување на метаболниот синдром, а кои се сметаат за високоризична популација за развој на кардиоваскуларни компликации, неопходно е да се примени медикаментозна терапија.
Терапијата се заснова на индивидуален третман на секој од ризик факторите со цел нормализацијата на секоја компонента, што ќе влијае на намалување на развојот на кардиоваскуларни компликации и дијабетес.
ПРЕПОРАКИ ЗА ТРЕТМАН :
Примарни цели на терапијата:
• намалување на нивото на триглицериди
• зголемување на нивото на HDL-холестерол,
• намалување на нивото на LDL-холестеролот (покачениот LDL-холестерол претставува висок ризик кај МС)
Терапевтски опции :
Фибратите доведуваат до подобрување на сите компоненти на атерогената дислипидемија и влијаат на намалување на ризикот од развој на кардиоваскуларни компликации.
Испитувањата покажуваат дека зголемувањето на нивото на HDL-холестерол со употреба на фибрати кај пациенти со коронарната болест и намалените вредности на LDL значително ја намалуваат инциденцата на коронарен настан.
Неколку клинички студии потврдија за клиничкото значење на терапијата со статини. Употребата на статини значително го намалува ризикот од развој на кардиоваскуларни компликации кај високоризични пациенти со метаболичен синдром.