ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Кога да се измерат вредностите на шеќер

Самоследењето на гликозата во крвта  игра клучна улога во регулирањето на дијабетесот. Исклучително е важно да се едуцира пациентот за важноста на мерењето и како да го користи уредот за мерење на дневна основа. Бидејќи вредностите на гликозата во крвта постојано се менуваат во зависност од различни фактори (храна, физичка активност, стрес, акутни заболувања, тип на терапија…) редовното само-следење ќе ви даде увид во влијанието на овие фактори врз вредностите на гликозата во крвта и ќе можете веднаш да преземете чекори за да ги корегирате премногу ниските или превисоките вредности .

Очекуваните вредности на гликемијата кај луѓе кои немаат дијабетес се:

4,0 mol/L – 6,1 mmol/L на гладно и до 7,8 mmol/L после оброк.

Разни клинички студии покажаа дека почестото мерење на гликозата во крвта ја подобрува регулацијата на дијабетесот, а со тоа ја намалува фреквенцијата на компликации. Така се дојде до заклучоци дека:

Почестата самоконтрола значително го намалува и забавува развојот на компликации кај луѓето со дијабетес тип 1.

Засилената инсулинска терапија го намалува ризикот од компликации на очите и бубрезите и оштетување на нервите за дури 75% кај луѓето со дијабетес тип 1.

Подобрата контрола на гликозата во крвта кај луѓето со дијабетес тип 2 го намалува ризикот од ретинопатија  за 25%, нефропатија  за 33%, мозочен удар за 33% и смрт од хронични компликации на дијабетес за 33%.

Како до добра регулација на дијабетесот?

Добрата регулација на дијабетесот значи дека вредностите на гликозата во крвта се во очекуваните и оптимални граници (од 3,9 до 8 mmol/L со негативна гликоза во урината).

За да се постигне добра регулација на дијабетесот, потребно е:

  • мерење на гликемија во крвта неколку пати на ден;
  • добар баланс помеѓу исхраната, физичката активност и лековите /или инсулинот;
  • водење дневник за самоконтрола во кој  ќе ги внесувате измерените вредности на гликемиите и сите настани кои би можеле да влијаат на нивната промена. Резултатите од вашиот дневник  ќе му помогнат на вашиот лекар да ја прилагоди терапијата на вашите потреби

На овој начин ќе избегнете честа појава на хипергликемија или хипогликемија, а вредностите на гликемиите треба да бидат во оптимални граници. Ова ќе спречи појава на компликации или нивна прогресија.

Кога да се измерат вредностите на гликозата во крвта?

Задолжително: Пред терапија и пред јадење и кога сте во општо лоша состојба (хипогликемија или хипергликемија).

Повремено: 2 часа после јадење и навечер.

Во следната табела дадени се приближни целни и прифатливи вредности на гликемијата во различни периоди од денот, но бидејќи овие вредности може да се разликуваат од личност до личност, неопходно е да се консултирате со вашиот лекар:

Пред појадок :Цел: 4,0 – 6,5 mmol/L  Прифатливо: 4,0 – 7,5 mmol/L

Пред ручек :Цел: 4,0 – 6,5 mmol/L      Прифатливо: 4,0 – 7,5 mmol/L

Пред вечера:  Цел: 4,0 – 6,5 mmol/L   Прифатливо: 4,0 – 7,5 mmol/L

Пред спиење:  Цел: 6,5 – 8 mmol/L      Прифатливо: 5,9 – 10 mmol/L

2 часа по појадокот:  Цел: < 6,5 mmol/L   Прифатливо: < 8,8 mmol/L

2 часа по ручекот:  Цел: < 6,5 mmol/L      Прифатливо: < 8,8 mmol/L

2 часа по вечерата:  Цел: < 6,5 mmol/L    Прифатливо: < 8,8 mmol/L

Од 02:00 до 04:00 часот:  Цел: 6,0 – 8 mmol/L  Прифатливо: 8,0 – 10 mmol/L

Потребни се дополнителни мерења  во следниве ситуации:

  • по промена на терапијата (лекови/инсулин);
  • ако сте го промениле (намалиле/зголемиле) интензитетот на физичката активност;
  • по промена на исхраната;
  • ако земате лекови кои можат да влијаат на концентрацијата на гликозата, како што се кортикостероиди или имуносупресивна терапија
  • за време на акутна болест;
  • за време на бременост;
  • на патувања;
  • по консумирање алкохолни пијалоци;
  • ако сте јаделе храна што вообичаено не ја јадете;
  • пред и после физичка активност;
  • пред возење автомобил;
  • ако сте под стрес;