ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Како дијабетесот предизвикува проблеми со стапалата

Проблемите со стапалата се чести кај луѓето со дијабетес. Тие можат да се појават со текот на времето кога високиот шеќер во крвта ги оштетува нервите и крвните садови на стапалата. Оштетувањето на нервите, таканаречената дијабетична невропатија, може да предизвика вкочанетост, пецкање, жежење,болка или губење на чувството во стапалата.

Ако не чувствувате болка, можеби нема да знаете кога имате исеченица, плускавци или чир (отворена рана) на стапалото. Таквата рана може да се зарази. Инфекцијата може да не зарасне добро бидејќи оштетените крвни садови предизвикуваат слаб проток на крв во стапалата.

Инфекцијата и слабиот проток на крв може да доведат до гангрена. Ако имате гангрена или чир на стапалото што не се подобрува со третман, можеби ќе ви треба ампутација. Може да е операција и ампутација на оштетен палец, стапало или дел од ногата. Ова може да спречи ширење на инфекцијата и може да ви го спаси животот.

Како можам да ги заштитам моите стапала ако имам дијабетес?

Најдобар начин да ги заштитите стапалата е да го проверувате секојдневно нивото на шеќер во крвта. Ова ќе помогне да се спречи влошување на оштетувањето на нервите и крвните садови. Следна работа е да ја одржувате кожата на вашите стапала здрава.

Добрата нега на стапалата за луѓето со дијабетес вклучува:

  • Проверување на стапалата секој ден. Проверете дали имате исеченици, црвенило или други промени на кожата и ноктите на нозете, вклучувајќи и места каде што чевлите оставаат траги. Не заборавајте да го проверите и долниот дел на стапалото.
  • Миење на стапалата секој ден. Користете топла вода и сапун. Не ги држете стапалата натопени во сад бидејќи тоа може да ја исуши вашата кожа. По сушењето на стапалата, можете да користите талк или пудра помеѓу прстите. Тие апсорбираат влага која може да предизвика инфекција. Ако користите лосион, не го нанесувајте меѓу прстите.
  • Прашајте го вашиот лекар како безбедно да отстраните жуљ ако го имате.
  • Кратете ги ноктите на нозете со ножици. Ако ви е тешко да ги скратите ноктите на нозете, или ако тие се дебели или закривени во кожата, побарајте од лекар или стручно лице да го направи тоа наместо вас.
  • Секогаш носете добро прилагодени чевли и чорапи или папучи за да ги заштитите стапалата додека одите. Немојте да одите боси, дури ни во затворен простор. И проверете дали чевлите ви се мазни внатре. Шев или камче може да ја оштети вашата кожа.
  • Заштитете ги стапалата од топлина и студ. Нанесете крема за сончање на кожата и не шетајте боси на плажа. На ладно време, носете топли чорапи наместо да ги загревате стапалата во близина на греалка или друго топлотно тело.
  • Одржувајте ја циркулацијата на крвта во вашите стапала. Подигнете ги нозете додека седите. Движете ги прстите и кружете ги стапалата во текот на денот. Не носете тесни чорапи. И вклучете активности на пример како одење и кои не се премногу тешки за вашите нозе.
  • Проверете ги стапалата за време на посетата на вашиот лекар. Дури и ако не сте забележале проблем,побарајте вашиот лекар да ги погледне вашите стапала.
  • Веднаш контактирајте со вашиот лекар ако забележите:
  • Исекотина, плускавец или модринка на ногата што не почнува да заздравува за неколку дена.
  • Црвена, топла или болна кожа на стапалата
  • Жуљ со засушена крв внатре
  • Инфекција на стапалото што поцрнува и лошо мириса, што може да биде гангрена.

Запомнете, контролата на шеќерот во крвта и секојдневната нега на стапалата се најдобрите чекори што можете да ги преземете за да спречите сериозни проблеми со дијабетичната нога.