ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Како да се грижите за вашето дентално здравје

Луѓето со дијабетес имаат трипати поголеми шанси да имаат проблеми со непцата и забите. Меѓутоа, доколку реагирате навреме, можно е да се зачува оралното здравје.

Ако имате дијабетес, имате и поголем ризик за гингивитис- рана фаза на заболување на непцата а подоцна и за пародонтопатија- напредна фаза на болест на непцата.Отечени непца, крварење или повлекување на непцата и лабави заби се знаци на заболување на непцата.

Покрај ова, пациентите со дијабетес имаат и намален имунски систем и намалена циркулација, што дополнително ги ослабнува непцата. Воспалителните процеси кои настануваат во пародонтопатијата, пак, го зголемуваат нивото на шеќер во крвта и со тоа ја намалуваат можноста за контрола на дијабетесот. Затоа пациентите со дијабетес мораат да имаат посебен мониторинг на пародонталниот статус кај својот стоматолог

Тоа е така бидејќи:

  • Дијабетесот ве прави помалку отпорни на инфекции
  • Луѓето со дијабетес имаат чести проблеми со сува уста
  • Кариесот кај овие луѓе се развива многу побрзо и полесно
  • Кај луѓето со дијабетес многу побавно зараснуваат раните ( вклучувајќи ги и раните од стоматолошките интервенции или вадење заб )

Бактериите кај лице со дијабетес не се разликуваат од луѓето без дијабетес. Разликата е во одговорот на телото на бактериите. Ако имате дијабетес, особено нерегулиран, можно е да имате почести воспалителни процеси, што може да резултира со губење на потпорното ткиво за вашите заби.

Постојат некои орални состојби кои се почести кај луѓето со дијабетес, како што е сува уста. Тоа може да биде резултат на стареење или поради користење на некои лекови , но може да биде и компликација на дијабетес. Без оглед на причината, недостатокот на плунка значи подолго задржување на бактериите во устата.

Ако добро го регулирате  вашиот дијабетес и водите грижа за вашето орално здравје со редовни прегледи кај стоматолог, ќе го намалите ризикот.

Што можете да направите сега?

  • Четкајте два пати на ден
  • Користете четка со меки влакна. Цврстите влакна може да ја оштетат глеѓта на вашите заби.
  • Мијте ги забите нежно и внимателно
  • Често менувајте ја четката за заби
  • Имајте контрола врз нивото на гликоза
  • Користете конец еднаш дневно за да ги отстраните честичките од храната, што доведува до расипување на забите и заболување на непцата.
  • Доколку е можно употребувајте интердентален уред. Малата четка е дизајнирана да допира до места што обичната четка не може.
  • Посетувајте го вашиот стоматолог двапати годишно. Во зависност од здравјето на вашите непца, тој може да ви препорача посета и чистење на секои три месеци.

IZVOR > American diabetes Association  –  diabetes.org