ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Диететски влакна

Како што постојат есенцијални аминокиселини (протеини), есенцијални масти (омега-3 и омега-6), така треба да постојат и есенцијални јаглехидрати односно диетески влакна. Зошто??

Еве неколку причини:

  • Влакната го хранат вашиот цревен микробиом

Овие влакна, познати уште и како пребиотици, се гориво (храна) за вашите анти-инфламаторни бактерии кои се наоѓаат во вашите црева. Бидејќи ние не можеме да ги свариме овие диетески влакна, тие патуваат до дебелото црево и таму се ферментираат од страна на овие бактерии. 

    Бројноста на овие добри бактерии во вашите црева се клучот за здрав имунитет, здрави хормони, губење на тежината и целокупното здравје.

    • Влакната го намалуваат вашиот апетит

    Истражувањата покажуваат дека храна богата со растворливи влакна го намалува нивото на хормонот за глад (грелин) и го зголемува  нивото на хормонот за ситост (лептин). 

    Покрај овие хормони тука се GLP-1 и Peptid-YY кои после внес на овие диетески влакна го информираат вашиот мозок дека сте сити и го намалуваат апетитот.

    Да не се разбереме погрешно, јадењето е здраво и треба да имате апетит, но сакате тој да е здрав апетит, кој спречува постојано посегнување по храна и прејадување.

    • Влакната го намалуваат холестеролот

    Во вашите црева, влакната се врзуваат за холестеролот и помагаат да се исфрли од вашето тело. Ова е причината зошто вие не забележувате намалување на нивото на холестерол откако ќе ги намалите месото, сирењето и јајцата, НО доколку го зголемите внесот на диететски влакна во вашата исхрана ќе забележите драстично намалување.

    • Влакната го контролираат шеќерот во крвта

    Влакната ја забавуваат апсорпцијата на јаглехидратите во вашиот крвоток со  што придонесуваат да се спречат брзите скокови на шеќерот во крвта. 

    Ова придонесува вие да имате постабилна енергија во текот на денот, ви ги намалува желбите за храна и се чувствувате посити.

    • Влакната ви помагаат при дигестија на храната

    Постојат два главни типа на влакна: растворливи (се наоѓаат во внатрешноста од растението) и нерастворливи (во обвивката). 

    Растворливите влакна ја задржуваат водата, претрпуваат трансформација и во текот на варењето се претвораат во гел. Помагаат во формирање на најголемиот дел во столицата и го олеснуваат минувањето низ дигестивниот тракт. Од друга страна, нерастворливите влакна го поминуваат вашиот дигестивен систем, притискајќи ја столицата за да ја придвижи надолу. 

    Неопходно е да ги имате двата вида влакна во вашата исхрана за оптимално здравје на цревата.

    • Влакната доведуваат до помала апсорпција на маснотиите од вашиот оброк

    Ако јадете храна богата со влакна тогаш вашето тело ќе  апсорбира помалку масти, а со тоа и калории од вашиот оброк. На пример, ако јадете цели јаткасти плодови, нешто од мастите од јатките нема да се апсорбираат и се отстрануваат во вашата столица. (за разлика од путер од јатки). Ова значи дека не се апсорбираат сите масти односно калории од вашата храна – или приближно 20% помалку од она што е наведено на етикетата.

    • Влакната штитат од појава на рак 

    Се повеќе студии укажуваат дека јадењето разновидна растителна храна богата со влакна заштитува од појава на некои видови на карциноми. Тука спаѓаат рак на дебело црево, дојка, јајници, ендометриум и рак на гастроинтестиналниот тракт . 

    Да, ќе повторам, само со јадење повеќе влакна!

    • Влакната помагаат да живеете подолго

    Според неодамнешни студии, секои 10 грама конзумирани влакна го намалуваат ризикот од смртност за 10%. Ова се должи на нивното влијание врз вашиот цревен микробиом и кардиоваскуларно здравје.

    Значи со јадење повеќе храна богата со влакна всушност можете да живеете подолг и поздрав живот. 

    Запомнете, за најдобео искористување на овие диететски влакна треба да јадете ЦЕЛО овошје, зеленчук, јатки, семиња и мешунки.

    Нутрициониста Вероника Минов