ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Витамини

Витамините се поделени во две групи:

Витамини растворливи во вода – витамини од групата Б (Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, Б7-биотин, Б9-фолна киселина и Б12) и витамин Ц. Витамините растворливи во вода, доколку се земаат во количини поголеми од што се препорачува, најчесто се излачуваат преку урината.

Витамини растворливи во масти – А, Д, Е, К. Доколку се во вишок, имајќи предвид дека не се раствораат во вода, тие се акумулираат во телото и телото може да ги користи подоцна. Но прекумерното внесување може да предизвика потенцијално опасни и долгорочни здравствени проблеми.

Б1- Тиамин
Тиаминот учествува во процесoт на создавање на енергија во организмот, и има значајна улога во  функцијата на нервниот систем.

Најдобри извори за овој витамин се: леќа, житарици ,црвено месо, квасец, ореви, семки од сончоглед, грашок, млеко, карфиол, спанаќ и мешунки. 

При недостаток од овој витамин се јавува заболување бери-бери, а се јавува чувство на слабост, невролошки пореметувања, грчење на мускули, недостаток на апетит и др.

Б2-Рибофлавин
Значаен за одржување на добар вид, создавање на црвени крвни зрнца, зачувување на силен имунолошки систем и нормално функционирање на нервниот систем.
Најдобри извори за овој витамин се: житарици, млеко, јајца, пивски квасец, лосос, говедско месо, спанаќ и брокула.

Ако на телото му недостига витамин Б2, често во аглите на усните можат да се видат испукувања во форма на рани. Исто така, можни се алергиски реакции и воспалителни промени на кожата.

Б3 – Ниацин 

Коензим во енергетскиот метаболизам, ја поддржува синтезата на есенцијални масни киселини,во добивањето енергија од гликоза, ја подобрува циркулацијата на крвта, го намалува холестеролот, неопходен е за здравјето на кожата и дигестивниот систем.

Го има во пивски квасец, месо, живина, риба, ореви и кикирики, бело пилешко месо, туна, трици, интегрални житарки,леќа.

При недостаток на витамин Б3 (ниjацин) симптомите се мускулна слабост, замор, губење на апетит, дигестивни проблеми и воспаление на кожата.

 Б5-Пантотенска киселина
Значаен е за одржување на здрава кожа, влијае врз работата на нервниот систем и помага при состојби на стрес.

Најдобри извори за овој витамин се: месо (црн дроб, бубрег), жолчка од јајце, цели зрна пченица, авокадо, ореви, кикирики, леќа, соја, кафеав ориз, брокула и млеко. 

Недостаток од овој витамин може да предизвика симптоми како: повраќање, нервоза, абдоминална болка, мускулни грчеви, инфекција на горните респираторни органи и друго.

Б6 -Пиридоксин

Витаминот Б6 е коензим во метаболизмот на аминокиселините и протеините. Инволвиран е во повеќе од стотина клеточни реакции низ телото. Неопходен е за нормална функција на нервниот и имунолошкиот систем и антитела, како и за  формирање на црвени крвни клетки. 

Најдобри извори за овој витамин се: квасец, месо, живина, јајца, банана, риба, житни зрна, ореви и варен спанаќ. 

Недостатокот на витамин Б6 може да предизвика: слабокрвност, воспаление на кожата и јазикот, грчеви во нозете, раздразливост и несоница.

Б7-Биотин

Неопходен  во одржувањето на здрава коса, кожа и нокти. Биотинот го поддржува метаболизмот на јаглехидрати, протеини и масти во телото. Помага за нормализирање на нивото на шеќер кај дијабетичарите.

Најдобри извори за овој витамин се: пивски квасец, црн дроб, жолчка од јајце, печурки, бабани, кикирики, моркови.

Недостаток од витамин Б7 може да предизвика проблеми со кожата, пукање на нокти и губење на коса.

Б9-Фолна киселина
Фолната киселина е најчесто позната по својата улога во здравјето и развојот на фетусот во првите недели од бременоста, бидејќи игра клучна улога во правилниот развој на нервниот систем на бебето. Помага при стрес и малаксаност. Учествува во создавањето на ДНК и црвените крвни клетки (антианемичен фактор)
Најдобри извори за овој витамин се: Леб и житарици, темно зелен лиснат зеленчук, како што се брокула,аспарагус и спанаќ, пивски квасец, црн дроб,сок од портокал, цвекло и авокадо.
Недостаток од витаминот Б9 (фолна киселина) се јавува кај бремени жени и кај алкохоличари. Голем недостаток на фолна киселина во организмот може да доведе до мегалобластична анемија.

Б12-Кобаламин
Витаминот Б12 игра важна улога во производство на клеточна енергија. Учествува во синтеза на ДНК, црвените крвни клетки и нормална функција на нервниот систем. Го зголемува апетитот и помага во превенцијата од анемија. 

Најдобри извори за овој витамин се: пилешко, говедско месо, риба, млеко, млечни производи, морски подови и јајца. 

Недостаток од овој витамин може да предизвика: замор, нередовна столица и запек, депресија, анксиозност, слабост, анемија, астма, заборавеност итн.

Ц витамин- аскорбинска киселина

Го подобрува имунитетот на организмот – го стимулира растот на одбрамбените клетки на телото, моќен антиоксиданс, учествува во изградбата на колаген, капилари, коски, заби, тетиви, ‘рскавица, еритроцити, ја активира фолната киселина. Учествува во метаболизмот на калциум и железо. Ја намалува штетата предизвикана од слободните радикали, ја заштитува кожата од сончевите зраци, помага во заздравувањето на раните и го подобрува тенот. Дејствува превентивно во заштитата од рак, срцеви болести, склероза, артритис и висок крвен притисок.

Витаминот Ц не се задржува долго време во нашето тело, па затоа треба да се внесува секојдневно. Тој е застапен во зелените зеленчуци, доматите, црвените плодови (капинки, малинки, боровинки,калинка), цитусите (портокали, лимони, грејпфрут), магдоносот, компирите и др.

А (бета-каротин) е провитамин

Витаминот А е најважен за добар вид. Благодарение на него, можеме да гледаме кога е темно. Овој витамин нè чува од бактериски, паразитски и од вирусни инфекции. Витаминот А особено е значаен при прележувањето сипаници кај децата.Овој витамин е еден од најактивните антиоксиданти. Придонесува за одржување здрава кожа и слузокожа. Помага и во заштитата на кожата од штетните сончеви зраци. Особено е важен во лекувањето акни и мали брчки.
Докажано е дека витаминот А има и заштитно дејство кај некои видови рак, помага за намалување на нивото на лош холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.
Витаминот А има уште многу други здравствени употреби, како што се,на пример,лекувањето на уринарните инфекции, лекувањето на состојбите на кожата,како егзема, псоријаза, лузни, изгореници од сонце и многу други.

Витаминот А природно се наоѓа во многу прехранбени производи, меѓу кои, како најбогат извор се:

  • говедски црн дроб и други видови месо
  • риба, особено лосос и туна
  • зелен лиснат зеленчук и други зелени, портокалови и жолти зеленчуци, како морков, брокули и тиквички
  • овошје, вклучувајќи ги дињата, кајсиите и мангото
  • млечни производи
  • компир
  • јајца

Хипервитаминозата А може да доведе до проблеми при породувањето, аномалии на црниот дроб или до проблеми со централниот нервен систем. Поради ова, бремените жени не би требало да земаат витамин А како додаток, освен доколку тоа не е препорачано од лекар.
Некои од симптомите кои се појавуваат при хипервитаминоза со витамин А се: губење апетит, раздразнетост, гадење, повраќање, проблеми со варење на храната.

Д- калциферол

Витамин Д поттикнува апсорпција на калциум и фосфор и е важен за правилна минерализација на коските. Недостаток на витамин Д може да предизвика рахитис кај деца во развој и остеомалација и остеопороза кај возрасните и старите лица.

Недостаток на витамин Д може да доведе до мускулна слабост.

Витаминот Д го штити организмот од бактериски и вирусни инфекции и го зајакнува нашиот имунолошки систем.

Изложеноста на сонце е најлесниот начин да се обезбеди потребната количина на витамин Д.

Во вашата исхрана вклучете масна риба – лосос, харинга, сардина, туна. Освен во рибата, витамин Д може да се најде и во јајцата, збогатеното млеко, говедското, телешкиот црн дроб… Бакаларот е многу богат со витамин Д, но содржи и многу витамин А, кој може да биде токсичен ако се консумира во големи количини.

Е – токоферол

Витаминот Е му помага на телото во борбата со канцерогените и срцевите заболувања и инфекциите. Тој го зајакнува имунолошкиот систем и помага во отстранувањето на респираторните проблеми.Како антиоксиданс, витаминот Е има неверојатно дејство на здравјето на кожата. Тој ѝ помага да се заштити од UV зраците, загадувањето и сите други појави кои што произведуваат слободни радикали, одговорни за уништувањето на ткивата.

Витаминот Е најмногу се среќава во растителните масла, јаткастите плодови, зеленчуците со зелени лисја (спанаќ), житариците, семките од сончоглед и тиква, како и во авокадото.Го има во рибино масло од масна риба (харинга, лосос).

Примајте и доволно количество витамин Ц и цинк. Тие помагаат витаминот Е подобро да се апсорбира во телото.

K  витамин

Витаминот К учествува во процес на синтеза на протеини кои се од големо значење за коагулацијата (згрутчување) на крвта и за сопирање на крвавењето. Недостатокот на витамин К може да предизвика зголемена појава на модринки  или крвавење.Спречува калцификација на артериите и крвните садови. Со тоа се намалува ризикот од појава на тромбоза и се намалуваат причините за појава на мозочен или срцев удар.

Најмногу е застапен во листовите на див костен, во билките како босилек, жалфија, мајчина душица, магдонос (две лажички магданос содржат дури 153 % од дневните потреби на организмот)

Исто така го има во зелениот зеленчук како брокула, зелка, кинеска зелка, кељ, карфиол, спанаќ, марула, млад кромид, црвена зелка, рукола и целер. Го има и во киви и во некои растителни масла, од кои најмногу во соиното масло.

Витамин К2 се наоѓа во жолчката од кокошка, телешки црн дроб, различни видови сирења и производи од ферменитирани зрна од соја.

Извор:https://pluspharma.mk/